Со 101 глас „за“, ниту еден воздржан или против Собранието ја избра новата Влада која треба да ги спроведе предвмерните парламентарни избори закажани за 12 април. Со 97 гласа „за“ беа избрани и замениците министри и дополнителните заменици министри.
Во своето експозе пред пратениците Спасовски кажа дека предводењето на Владата во ваков период, за него претставува силен предизвик и голема лична, професионална и политичка одговорност. Освен организирање на слободни, фер и демократски избори, новата влада, во Програмата за работа што Спасовски ја достави до Собранието, како приоритети се наведени и полноправно членство на државата во НАТО и успешно започнување и водење на пристапните преговори со ЕУ како и развој на економијата, реформи во правосудството, намалување на аерозагадувањето, борба со организираниот криминал и корупцијата.