Доделени 20 стипендии „Борис Трајковски“ за академската 2021/2022 година

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги додели стипендиите „Борис Трајковски“, за академската 2021/2022 година, за студии од втор циклус за Пан-европската извршна МБА програма на Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.

Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека инвестирањето во образованието на младите бизнис лидери е најсигурната инвестиција во успехот на нашата економија и иднината на нашето општество.

„Образованието треба да им помогне на младите не само да се стекнуваат со теоретски знаења, туку и да ги оспособи преку слободно и независно размислување да наоѓаат решенија за реалните предизвици и проблеми. И токму затоа ни се потребни млади луѓе како вас со претприемачки ум и дух, кои преку индивидуални напори и успех ќе донесат и заеднички успех за македонската економија“, рече претседателот Пендаровски, изразувајќи уверување дека со знаењата и вештините кои ќе ги стекнат кандидатите, ќе можат да придонесат за побрзо закрепнување на нашето стопанство и негово позиционирање врз здрави основи, подготвено за пост-КОВИД светот.

Претседателот Пендаровски во својот говор ја нагласи и двојната важност на стипендиите „Борис Трајковски“, кои освен во образованието, се инвестиција и во довербата меѓу двете држави.

Потсетувајќи на заложбите на претседателот Борис Трајковски, неговата сопруга Вилма Трајковска, истакна дека стипендиите коишто го носат неговото име се наменети за личности кои се подготвени да го изодат патот до успехот, притоа не правејќи компромис со чесноста и интегритетот.

„Нашата татковина мина низ исклучително тежок период. Но, ме радува што една од иницијативите на Борис што продолжува да дава плод е токму оваа стипендија што секоја година ја добиваат по дваесет стипендии за Пан-европската Извршна МБА програма. Тоа е вложување во вашиот успех, успехот на државата и на пријателството меѓу македонското и грчкото општество. А тоа е важен дел од сонот на Борис Трајковски“, истакна Трајковска.

Министерката за образование и наука, Мила Царовска упатувајќи честитки до стипендистите, им посака да бидат носители на промени и двигатели на процесите во областите за кои ќе се усовршат.

„Ви посакувам со успех да ги завршите студиите во предвидениот рок. Да се вратите тука, дома, полни со нови знаења кои сигурно ќе помогнат во развојот на земјата што вложила во Вас, го поддржала Вашето образование и верува дека со стекнатите квалитети и личниот потенцијал ќе го најдете своето место во општеството“, истакна министерката Царовска.

Говорејќи за програмата, директорот на Сити Колеџот во Солун, Јанис Верверидис, порача дека добитниците на стипендиите ќе имаат можност да стекнат пошироко искуство кое ќе им го промени начинот на размислување и дејствување, преку развивање на нови капацитети и квалитети.

„МБА програмата се спроведува од меѓународни професори со голем квалитет и има за цел да ги подобри вашите лидерски и менаџерски вештини и да развие современо знаење и разбирање за тековното глобално размислување на деловно поле. Тоа е вистинска меѓународна програма, која опфаќа една студиска недела во Јорк и една во Стразбур, и ви дава можност да студирате, да се сретнете и да се поврзете со вашите врсници од 25 други земји“, рече во своето обраќање, директорот на Сити Колеџот, Верверидис.

Стипендиите се резултат на заедничката активност и соработка на Претседателот на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука на Република Северна Македонија со Сити Колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк.

Видео-материјал:

Обраќање на претседателот Пендаровски: https://youtu.be/uyg6exh4v1k

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.