Шеќеринска , добри пријатели на гости ти дојдоа

Колку овие нашиве, коџамите бројни, се добри останува да чекаме и да видиме. Ама како му се заредија, богами, страв човека да го фати. Прво велеа дека доаѓаат да не поддржат за Договорот со Грците, потоа да не поддржат за Референдумот, а сега некако како да ни се подисплашија, па почнаа да не убедуваат дека Русија сакала да не спречи да влеземе во НАТО. Затоа ли Рада наша среќна и насмеана, ама со метла на аеродром ги чека? Барем леб и сол на послужаник да ставеше – по адетот наш, де.
А, ние кутрите, уште од пусто турско навикнати, барем за ред некогаш си знаевме. Кога си сам дома можеш и леб и сол да јадеш, ама кога ќе ти дојдат гости не смееш да се изрезилиш. Ај што ќе те зборат добронамерниците, туку и комшиите, не дај Боже, ќе разберат па ти нема чаре. Што убаво си беше порано, барем за оние кои си имаат двор и не живеат во чавкарници со двоцифрени катови. Домаќинот ќе си испече ракија, да се најде дома за себе, за лек. Па тргнавме кон толку посакуваната Европа и тоа ни го забранија. Можело, ама само 10-тина шишиња колку за себе.
Домаќинките, мислиме на оние вистинските а не на овие сегашниве кои висат на компјутери и по Фејсбуци, ќе си направеа зимница. Додуша за ајварот уште има време, ама поминаа јагодите, црешите, вишните, праските… сега дојдоа грозјето, дуњите, тиквите.
А, од слатката и мармаладите – ништо. И нив ги забранија да се варат по дворовите. Имало, ќе рече некој да се купи и готово, ама тоа ли е тоа?Тој што пробал домашно слатко или џем не можеш да го замајуваш со купечко.И да земеш да го вариш на шпорет во стан мора да пазиш да не ја грешиш мерата. Зошто од секогаш се знаело на колку сливи колку шеќер се става. А, сега – ќе купиш кесе шеќер и во него наместо кило, 900 грама. И не се погодиле слаткото или џемот. Па, нормално нема да се погодат, ама и за тоа сами сме си криви. На кесето си пишува, ама наочарите останале дома, со кафето што си го пиевте со комшиката. Ама и за тоа нема гајле.
Наместо ракија ќе им дадеме виски, а со него не оди ајвар туку апетисани. Од нив барем имаме колку што треба и не треба. Кај и да е и славите се наближуваат, треба гости да се пречекаат, а со што? Еве на пример на 27 октомври е првата – Св. Петка или попозната како Петковден. Мрсна слава, освен ако се падне во петок. За беља, годинава и таа е во сабота, треба торта и колачи да се направат. Налет шеќерот него веќе го спомнавме – оревите изгор, лешниците бетер, бадемите дамбетер. Јајцата кога како и кога каде ќе ги најдеш.
Ама торта и без чоколадо не ја бива. И гледаш, гледаш, сега со наочарите на гуша, па не ти се верува. Во рецептот пишува ставете 200 или 300 грама, ама пак не знаш колку тоа чоколади треба да купиш. Зошто и тие ти се модернизирале. Не се веќе како оние, на времето од по 100 грама и на нив убаво си пишува 80 г.
А, да ги пратите и нив кај Рада, може нема торта и колачи, ама за чоколади и гајле нема, дал Господ или народот.
Оној истиот на кој Пендаровски му викаше дека го товарат како стока.
Оној истиот на кој Заев само пред некој месец му кажуваше дека не го личи да биде патриот, за пред неколку дена Македонија да му стане милата.
Оној истиот на кој Мицко му се клањаше како Турчин во џамија.
Ало!?! Од кога тоа Македонците се заблагодаруваат со клечење на колена, така барем некогаш, виновниците бараа прошка од Бога или од некој кому му згрешиле.
Е, што ти е пуста политика – ку.ва. Колку ти била слатка власта. Или некому му гори под нозе, дошол ножот до коска, па не мислиш ни што правиш, ни што збориш. Кој кичми витка и живи луѓе ќе јаде, кој на колена клечи.
И така миц по миц, ден за ден ни врви живеачката. Новчаникот се попразен, торбите се полесни. Животот дојде, а ние слепци никако да го видиме или недоветни, па никако да го препознаеме. Ама, добро си слушаме што ќе ни кажат. И тие што си ги избравме и овие гостиве што си ги пречекуваме. Па, затоа на 30 со памет во глава. Или кон светлата иднина или на правење ајвар.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.