Девет од приговорите за постапката за сумирање на резултатите од парламентарните избори, како што информира портпаролката на ДИК, се поднесени од коалицијата „Вреди“, а останатите осум, исто така за постапката за утврдување на изборните резултати, од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ
До Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент се пристигнати 17 приговори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите од парламентарните избори, информира вечерва портпаролката на ДИК, Радица Тодоровска-Алексовска, во изјава за Дневникот на ТВ Сител.
Девет од вкупно 17 приговори се поднесени од страна коалицијата „Вреди“ на опозициските партии на Албанците и се однесуваат за општините Тетово, Желино, Боговиње, Гостивар и Врапчиште.
Останатите осум приговори се поднесени од коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, и се однесуваат на постапката на сумирање на резултатите за парламентарните избори во општините Охрид, Демир Хисар, Крушево, Кичево, Струга, Битола, Долнени и Ресен.
За резултатите од претседателските избори засега не се поднесени приговори.
„До 19 часот заврши рокот за поднесување приговори за постапката за гласање, а сè уште течат можностите за поднесување приговори за постапката за сумирање и утврдување на резултатите до 22:30 часот за претседателските избори и до 23:30 часот за парламентарните избори“,
изјави портпаролката на ДИК за ТВ Сител.
По добивање на приговорите, како што информира Тодоровска-Алексовска, Државната изборна комисија во рок од 72 часа ќе ги разгледа и ќе одлучи дали ќе ги прифати, односно ќе одлучи дали на конкретните избирачки места за кои се поднесени приговорите се исполнети условите за евентуално прегласување.
Портпаролката на ДИК соопшти дека утре во 9 часот Комисијата ќе одржи седница по која ќе ги соопшти конечните резултати од претседателските избори доколку дотогаш не пристигне приговор за изборните резултати.