ДПМНЕ веднаш да ги повлече предложение измени за укинување на контролата на јавните набавки, реагираат од политичката партија Левица.
– Нефункционално Биро за јавни набавки (БЈН) е желба за алчните апетити на секоја власт! Преку ова, на функционерите им се остава зголемен простор за маневар и злоупотреба на народните пари. Па така, далеку од очите на јавноста, наместо за јавно добро, буџетите се распределуваат во корист на партиите на власт и бизнис елитата којашто гравитира околу нив.
Фактот дека БЈН за периодот од 2019 до 2021 нема спроведено управна контрола по случаен избор на постапки за јавна набавки, а во 2022 година се направени само две – илустрира влијание од партиите на власт врз самата институција. Ова е директна последица на системското оставање на институцијата без кадар. Односно, во Секторот за управна контрола од предвидените 18 – пополнети се само 7 работни места, додека за нормално функционирање се потребни минимум 30 вработени.
На сето ова, наместо засилување на борбата против корупцијата, ДПМНЕ и ЗНАМ во Собранието предложија законски измени со кои се УКИНУВА управната контрола на јавните набавки. Оваа политика ги отвора вратите за корупциско дејствување на функционерите од сопствените редови и тоа во период кога ќе се распределуваат милионите од унгарскиот кредит!
Потсетуваме дека на ова им претходеа заеднички спроведените измени на Казнениот законик, со коишто ги амнестираа криминалите на своите политичари и функционери преку драстично намалување на казните за наместени тендери, злоупотреба на овластувањата и за злосторничко здружување! Сега, дополнително се работи и на оттргање на уште една пречка на патот на корупцијата. Очигледно, Владата на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ, има намера да го надгради коруптивниот систем создаден заеднички со СДС и ДУИ!
Оттука, Левица останува единствена партија која се спротивставува на неказнивоста и легализирањето на корупцијата.
Бараме повлекување на законските измени и ставање во погон на институцијата којшто треба да врши контрола на јавните набавки. Во спротивно, најавуваме жестока Собраниска битка од нашите пратеници против буржујските аждаи, кои се обидуваат целосно да го легализираат коруптивниот систем создаден од клептоманските власти! – велат од Левица.