Рано утрово траектот „Аурелија“ сопственост на кипарска компанија, кој плови на редовната линија Анкона-Сплит, доживеа голема незгода. На десет милји од Корнати, во хрватскиот дел од Јадранот му откажа еден од моторите. „Аурелија“ е моторен патнички брод долг 150 метри кој превезува 250 патници и има 92 члена на екипажот, пишуваат хрватските медиуми.
Со вториот мотор бродот успел да се одржува на површината на морето и да плута. Кон траекот веднаш биле упатени два реморкера. Акцијата за спасување на „Аурелија“ ја презеде Центарот за трагедии и спасување на море од Ријека. Разрешувањето на ситуацијата дополнително ја отежнал силниот ветар, па двата брода-теглачи што утринава тргнаа на помош морале да се вратат во пристаништето во Шибеник.
Траектот и понатаму плута на десет милји југозападно од Корнати, на него има и 50 автомобили, а, според последните информации меѓу 250-те патници нема повредени.