Кандидатката за претседател со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ, ја нарече ДУИ „марксистичко-сталинистичко-енверистичката партија“ која немала ниту една сестринска партија во Европа
Откако актуелната владејачка партија на Албанците, ДУИ, побара јавно од ВМРО-ДПМНЕ да се изјасни дека е против Русија, а кандидатката за претседател, професорката Гордана Силјановска-Давкова ја нарекоа „русконосталгична кандидатка“, таа одговори на прозивките.
На својот профил на Фејсбук, Силјановска-Давкова ја нарече ДУИ „марксистичко-сталинистичко-енверистичката партија“ која немала ниту една сестринска партија во Европа.
„Како е можно по децениска образовна, научна и експертска активност во најпрестижните европски институции и десетици академски трудови објавени во западноевропските списанија и книги, една марксистичко-сталинистичко-енверистичката партија, која не е примена во ниту едно партиско семејство во Европскиот парламент, да ме напаѓа и обвинува за русофилија и путинизам“,
пишува Силјановска Давкова.
Според неа, ДУИ ја проектира сопствената фрустрација кај другите.
„Партијата, којашто 22 години е на власт, од кои 16 непрекинато на ‘Илинденска’, сега, фројдовски ја проектира сопствената фрустрација на други. Ноторен факт е дека токму ДУИ во своето соопштение, признава дека овозможила сериозно руско влијание во Македонија. За среќа, веќе триесет години мој професионален дом е најстарата европска институција, Советот на Европа. Мојата комуникација со Стразбур е поврзана со човековите права, владеењето на правото и демократијата. За разлика од мене комуникацијата на Али Ахмети и други функционери на ДУИ со Стразбур е поврзана со хашките случаи“,
напиша кандидатката за претседател поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.
Таа потсети на неодамнешното писмо до македонската влада од комесарката за човекови права на Советот на Европа, Дуња Мијатовиќ, која порача дека во Европа, согласно меѓународното право, воените злосторства никогаш не застаруваат.