Д-р Пановски: Секој изгубен ден без вакцинација, ќе нè чини човечки животи

Пренесувањето на британскиот сој на Ковид-19 се шири многу побрзо, посочува микробиологот Никола Пановски.
Докторот апелира до граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита за да не дојде до нов раст на бројот на заболени.
„Тоа значи дека кога имаме 10 луѓе тие ќе заразат 15. А, досега би заразиле 10. Тоа е огромна бројка. Масовните групирања би придонеле овој вирус кој побрзо се шири, полесно се лепи за нашиот нос, за слузницата на носот, би направиле нов пик, нови хоспитализации и нови смртни случаи. Значи, никако групирања, особено во затворен простор, бидејќи тогаш ширењето е поголемо и би било поголемо од што беше во ноември,“ истакна Пановски.
Тој смета дека не смее да се излегува со предвремени и непроверени информации, но потсетува дека превентивните мерки не треба да се олабавуваат и им препорачува на граѓаните во затворени простории задолжително да носат маски.

„Сè уште се прават студии и засега не е потврдено дали новите вируси даваат потешка клиничка слика, нема ниту цврсти докази дека веќе прележаните од Ковид-19 немаат имунитет, дали се повторува, дали се јавува кај вакцинираните… Сето тоа, засега е само нагаѓање. Да се надеваме дека вакцината ќе штити и да продолжиме да ги почитуваме мерките и да користиме лична заштита“, препорачува професорот Пановски.
„Секое ново одложување на вакцинацијата, ќе нè чини, уште повеќе изгубени човечки животи“, додава професорот Никола Пановски.
Докторот за „Алфа“ изјавува дека имајќи го предвид британскиот сој на Ковид-19, важно е имунизацијата да започне што поскоро за да избегнеме голем број на заболени, но и на смртни случаи.
„Критични се овие два-три месеци да се заштедат и пари, а особено животи и болни. Средства ќе се заштедат и со скапа вакцина, бидејќи најскапо е лекувањето на пост-ковид синдромот. Факт е дека бразилскиот, особено јужно – африканскиот е попренослив, а можеби и поотпорен на веќе создадени антитела од британскиот сој. Така да, тие ќе дојдат.. затоа е важно да започнеме со вакцинирање што побрзо“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.