Европа треба да се подготви за повлекување на САД од НАТО доколку Трамп победи, пишува Телеграф

Европските земји треба да ги зголемат трошоците за одбрана во врска со можното враќање на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Белата куќа, пишува британскиот весник The Daily Telegraph повикувајќи се на дипломати на земјите-членки на НАТО.

Според нив, Европа треба да биде подготвена на фактот дека доколку на претседателските избори во САД во ноември, победи републиканскиот кандидат ќе се намали вклученоста на Вашингтон во работата на структурите на НАТО.

Покрај тоа, европските дипломати дури бараат да се развијат планови во случај САД да ја напуштат Северноатлантската алијанса под водство на Трамп. Како што забележуваат официјални лица кои зборувале за весникот, Европа ќе мора да ја преиспита својата прекумерна зависност од САД во одбранбениот сектор.

Доналд Трамп, говорејќи пред своите поддржувачи во Јужна Каролина, зборуваше за една од неговите средби со лидерите на земјите членки на НАТО во неговиот претседателски манда. Според него, тогаш еден од неговите странски колеги го прашал дали САД се подготвени да ја бранат алијансата во случај на наводна можна закана од Русија, доколку некој од сојузниците не плати придонеси за колективна одбрана на НАТО. Трамп одговорил дека нема да брани таа земја и, згора на тоа, ќе ја охрабри Русија да „прави што сака“.

Поранешниот американскиот претседателот не прецизираше кога и каде се водел овој разговор и кој е неговиот соговорник, меѓутоа, познато е дека во текот на неговиот престој во Белата куќа повеќепати ги прозиваше европските сојузници во НАТО да се придржуваат до договор за издвојување на најмалку два отсто од својот бруто домашен производ (БДП) за сопствената одрбана.

Трамп, и во текот на својот претседателски мандат остро ги критикуваше сојузниците во НАТО дека не се придржуваат до преземените обврски за издвојувањата за своите вооружени сили и одбраната, заканувајќи се дека САД, кои се инаку имаа убедливо најголем удел во финансирањето на Алијансата, не се должни да плаќаат за нивната безбедност.

Земјите-членки уште во мадатот на американскиот претседател Барак Обама поставија цел да издвојат минимум 2 отсто од својот БДП за трошоците за одбрана, а годинава, како што рече генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ќе ја достигнат 18 од 31 земја членка.

Столтенберг, исто така, на крајот од јануаро ги отфрли стравувањата дека реизборот на поранешниот американски претседател Доналд Трамп ќе ја ослабне одбранбената алијанса во моментот на обезбедување цврста поддршка за Украина. Столтенберг рече дека „ниту една секунда“ не верува оти претседателството на Доналд Трамп ќе го загрози американското членство во НАТО алијансата.

Но Трамп продолжи да ја критикува Алијансата, велејќи за време на викендот во текот на кампањата за републиканската претседателска номинација, дека не верува дека земјите од НАТО ќе ги поддржат САД во случај на напад, односно примената на одредбата на чекнот 5 од договорот за Северноатлантскиот сојуз.

Актуелниот американски претседател Џо Бајден, кој судејќи според сѐ во ноември повторно ќе се соочи на ноемвриските избори со Трамп, остро ги критикуваше неодамнешните изјави на неговиот републикански ривал Доналд Трамп за НАТО, нарекувајќи ги „идиотски“ и „недостоинствени“. На критиките се приклучија тогаш и бројните европски челници.

Пронајдете не на следниве мрежи: