По потпишувањето на договорот, Ахмети уште еднаш повтори оти обединувањето во „Европскиот фронт“ не е привремено, туку долгорочно со цел, како што кажа, реализирање на работите кои сè уште се останати недовршени. Додаде оти коалицирањето со партиите на Турците и Ромите е зашто ДУИ е зајакната, а не ослабена, и нагласи оти поканата за приклучување кон „Европскиот фронт“ е сè уште отворена за сите проевропски партии
„Европскиот фронт“ предводен од ДУИ од денеска е поброен за уште еден политички субјект. Кон коалицијата предводена од партијата на Али Ахмети се приклучи Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија. Коалицискиот договор за заеднички настап на изборите денеска го потпишаа лидерот на ДУИ и претставниците Салих Мурат и Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.
По потпишувањето на договорот, Ахмети уште еднаш повтори оти обединувањето во „Европскиот фронт“ не е привремено, туку долгорочно со цел, како што кажа, реализирање на работите кои сè уште се останати недовршени. Додаде оти коалицирањето со партиите на Турците и Ромите е зашто ДУИ е зајакната, а не ослабена, и нагласи оти поканата за приклучување кон „Европскиот фронт“ е сè уште отворена за сите проевропски партии.
„Има многу нешта за да ги истакнеме – правичната застапеност, остварувањето во пракса на албанскиот, турскиот и ромскиот јазик. Секако дека има уште многу работи да се прават, но главната цел на целиот на овој фронт е нашата земја да ја зачлениме за кратко време во Европската Унија. Ние ќе се бориме во овој фронт со цел оваа држава да биде ‘мајка’ за сите“,
истакна Ахмети.
Лидерот на ДУИ, меѓу другото, додаде оти борбата на оваа „Европскиот фронт“ е насочена кон тоа земјава да биде „мајка“ за сите и за еднаквост на сите етнички заедници во државата.
„Колку и да се мали заедниците во оваа земја, оваа земја, сепак, е голема и за малите. Една земја со унапредена демократија прво се грижи за малите заедници, зашто малите заедници се тие кои градат лојалност кон државата. Ако малите заедници кои не се малку во нашата земја, не уживаат права на еднаквост, третман во сите животни сфери, секако и толеранцијата е минорна или не постои воопшто кај овие заедници. Една држава е силна кога сите нејзини граѓани се лојални, но лојалноста зависи и од лојалноста на државата кон помалите заедници. Војната во 2001 година не донесе подобрување само кај Албанците, туку кај сите заедници“,
посочи претседателот на ДУИ.
Покрај Ахмети, свои обраќања по потпишувањето на коалицискиот договор за заеднички изборен настап имаа и Салих Мурат и Сулејман Баки од Движењето на Турците на Македонија за правда и демократија.
Нагласија оти оваа соработка ќе помогне за повисок развој на заедниците, но и на државата воопшто, оценувајќи оти „Европскиот фронт“ е од витално значење за сите сегменти на државата, за зеднички живот во мир и просперитет како заедничка придобивка, но и за приклучувањето на земјава кон Европската Унија.
„Наша заложба ќе биде за да се направат промени во изборниот модел – да се префрлиме на моделот на една изборна единица, да ги елиминираме неправдите во законот за локална администрација, буџетот на нашата држава да биде поделен правично и пропорционално, да обезбедиме еднаков регионален развој“,
рече Салих Мурат.
Додаде оти нивното Движење ќе се залага и за имплементација на турското образование во земјава во основните и средните училишта, локална и централна употреба на турскиот јазик, заштита на националниот идентитет, зачувување на културното постоење и верската вероисповест.
Досега кон „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ се приклучија Демократската партија на Албанците, Европската демократска партија, Народното движење, крилото на Зијадин Села од Алијанса за Албанците, Унијата на Ромите, Демократската партија на Турците.