Едноставни трикови: Со помош на овие совети ќе ја одберете најсочната и највкусна лубеница

Лубеницата нè освежува и нè разладува во текот на летото бидејќи содржи многу вода, а благодарение на растителните влакна го намалува чувството на глад.
Таа изобилува со витамините Ц и А, како и калиум и магнезиум, а содржи многу малку калории – 100 грама лубеница има само 30 калории.
Но, кога ја купуваме, не е лесно да се претпостави која е зрела и сочна лубеница. Иако на прв поглед сите изгледаат исто, треба да бидете „уметник” за да ја изберете токму онаа највкусната.
Обрнете внимание на линиите
Зрелата лубеница можете да ја препознаете врз основа на нејзината боја. Имено, изберете ја онаа што има впечатливи темнозелени линии на кората. Исто така, бледите линии треба да бидат светложолти.


Ако кората е сјајна, лубеницата веројатно не е доволно зрела.
Проверете го местото на растење
Еден од најсигурните знаци дека лубеницата е зрела е бојата на местото каде што растело ова овошје, односно местото каде што „седела” додека растела. Поточно, тоа место треба да биде со кремаста, жолта боја, за разлика од оние недоволно зрели лубеници кои имаат бела или светложолта боја.


Чукнете ја
За да бидете сигурни дека лубеницата е вкусна, полека чукнете ја неколку пати за да го слушнете звукот што доаѓа од неа. Ако слушнете длабок звук, тоа значи дека има повеќе вода и е зрела. Во спротивно, кората е подебела и погуста, а плодот не е целосно зрел.
Изберете ја најтешката
Кога бирате лубеница, подигнете ја секоја додека не ја пронајдете најтешката. Кога ја кревате, би требало да биде потешка отколку што изгледа. Колку е потешка, толку повеќе има вода и е послатка, пишува „Real Simple”.
Погледнете го обликот
Изберете округли наместо овални плодови. Округлите лубеници се послатки, додека овалните често се полни со вода и без вкус. Исто така, обрнете внимание на необичните испакнатини на лубеницата. Ако има испакнатини, таа нема да биде вкусна.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.