ЕПИДЕМИЈАТА НЕ СТИВНУВА, ДИСКОТЕКИТЕ ПРЕПОЛНИ

Поради оваа атмосфера во време пандемија и на рекорден број заразени во земјава, сопственикот на локалот Аватар во Струмица се соочува со кривична одговорност.
Стотици гости, без маски, без дистанца, викендов присуствуваа на концерт на македонски музичари. Според информациите на ТВ24 инспекторите напишале кривична пријава уште во петокот, кога на терен ги регистрирале неправилностите. Но, забавата продолжила и наредниот ден. Ваква била сликата и во кафе барот Калипсо во Прилеп и на базенот во Виница.
Од МВР велат дека до попладнево денеска не добиле ниту една кривична пријава поврзана со овој случај. Менаџментот на Аватар реагира дека објектот е на отворено и работат по закон, како кафе бар, а не и клуб, после полноќ.
„Масите се на соодветно растојание, на сите има средства за дезинфекција, вработените постојано носат заштитните маски.Ние немаме надлежност да бараме гостите да носат лична заштита, тие самите одговараат за себе. Работиме на исти начин како и сите други угостителски објекти во градот. Не сме единствените, скоро во секој втор локал во градот, кој е за неколку пати помал од нашиот, има слични забави, но за тоа никој не реагира и не споделува фотографии и видеа по социјалните мрежи.“

Освен организираните забави по локали, мерките за заштита од коронавирусот не се почитуваат и на приватните прослави каде што има по стотина гости. Како што е случајот со оваа свадба во Велес.
Секој поголем настан е еден вид криза, вели за ТВ24 миннистерот за здравство Венко Филипче. Бара одговорност и почитување на мерките.
„За секој настан има протоколи кои треба да се спроведуваат. Мора да има и поголема контрола заради тоа што друга алтернатива ќе е рестрикција во движењето. Ние се што беше во наша ингеренција го направивме, а другите институции да го спроведуваат. Било каков настан кај пшто нема придржување до превентивните мерки е своевиден ризик.“ – изјави Филипче.
Oд досегашните обиколки низ кафулиња и ресторани во земјава инспекторите подготвиле 40 кривични пријави поради непочитување на мерките и протоколите за заштита. Со владина Уредба на 25 мај беше одлучено да се отворат угостителските објекти.
Пред неполн месец Комисијата за заразни болести дозволи да се организираат музички настани, но под строги протоколи. Објектите да бидат преполовени со гости, картите да се издаваат електронски наместо да се прават гужви на влез. Но, се уште не е дозволено работење на ноќните клубови после полноќ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.