Дали летово ќе може да се оди на плажа? Ако има одмор по пандемијата на коронавирус, тогаш веројатно ќе биде во локални рамки. Министрите за туризам на ЕУ немаат временски план за заживување на патувањата, пишува „Дојче веле“.
Кога и како ќе бидат повторно отворени границите за патнички сообраќај, моментно никој не може да каже со сигурност, смета германскиот парламентарен државен секретар Томас Барајс, кој во германското Министерство за економија е задолжен за туризам.
Малку веројатно е дека германските туристи летово ќе патуваат во Шпанија или Грција. Поизгледно е дека Германците годинава ќе останат во својата земја или во својот регион. И тука има убави дестинации, оценува Барајс.
Економската ситуација во туристичката браншане е катастрофална само во јужна Европа, околу Средоземното Море, туку и во Германија. Туристичката индустрија годинава смета на намалување на резервациите за пакет аранжмани и до 70 проценти. Најтешко би можеле да бидат погодени компаниите кои организираат крстарења, кај кои обемот на работа може да падне и до 90 проценти, проценува Европската комисија во Брисел.
Хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божовиќ, по видео-конференцијата со колегите, најави дека кон отворањето на границите во рамките на ЕУ ќе се пристапи многу претпазливо, исто како и кон надворешните граници.
Сите сме согласни дека приоритет е спречување на нови бранови инфекции, вели тој, не наведвајќи и конкретни планови.