ЕУ цврсто ќе стои зад Украина до нејзиното конечно ослободување, вели Фон дер Лајен

„Нашата денешна посета ја нагласува нашата непоколеблива солидарност со Украина денес, утре и на долг рок. Вашата земја стана глобален симбол на отпорот во оваа благородна борба за слобода. Остануваме на ваша страна“, рече Фон дер Лајен за време на нејзината денешна посета на Киев на двегодишнината од руската инвазија на Украина

ФОТО: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Европската Унија во март има намера да ги плати првите 4,5 милијарди евра на Украина, во рамките на новата програма за помош од 50 милијарди евра одобрена од Брисел на 1 февруари, а наменети за спроведување на украинскиот План за реформи и за инвестиции, објави претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за време на нејзината денешна посета на Киев на двегодишнината од руската инвазија на Украина.

„Гледајќи напред кон иднината, Украина мора да има средства да се брани денес. Тоа е клучно за вашата безбедност и секако за безбедноста на Европа во целина. Затоа сакаме да ги зајакнеме одбранбените капацитети на Украина како дел од нашите“,

изјави Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои ја придружуваат при посетата, а на која беше и украинскиот претседател Володимир Зеленски.  

Потенцирајќи дека најдобра безбедносна гаранција за Украина ќе биде членството во Европската Унија, Фон дер Лајен најави дека кон средината на март Европската комисија ќе ја донесе преговарачката рамка. 

„Нашата денешна посета ја нагласува нашата непоколеблива солидарност со Украина денес, утре и на долг рок. Вашата земја стана глобален симбол на отпорот во оваа благородна борба за слобода. Остануваме на ваша страна“,

рече Фон дер Лајен. 

Фон дер Лајен и премиерите Де Кро, Мелони и Трудо попладнево положија и венци на Ѕидот за сеќавање на загинатите украински бранители во конфликтот со Русија. 

„На Ѕидот за сеќавањето им оддавам почит на Украинците кои ја направија најголемата жртва борејќи се за нашите вредности – слобода, демократија, владеење на правото. Тие се во нашите срца и мисли. Нивното наследство живее. И ќе блесне во текот на денот кога Украина ќе победи во оваа војна“,

наведе Фон дер Лајен во објава на Икс по полагањето на венците. 

Пред тоа во текот на денот тие го посетија аеродромот „Антонов“ во Хостомел, во близина на Киев, каде се сретнаа со припадниците на украинските вооружени сили кои се распоредени во одбрана на објектот, а утрово Фон дер Лајен присуствуваше и на церемонија на примопредавање на 50 теренски возила на украинската полиција, кои се донација од ЕУ.  

Пронајдете не на следниве мрежи: