Еј тато, никогаш нема да заборавам…

Еј тато, знаеш… Постојат толку спомени, толку многу слики на кои често се сеќавам.
Во тој мој скриен универзум, како на платно расфрлени, која од која поубава, која од која позначајна, незаменлива.
Секоја ѕвезда има свој посебен сјај, нели?
Велат, со тек на времето луѓето забораваат на своите рани сеќавања.
Кај мене сѐ е онаму каде што треба да биде и сигурна сум дека таму и ќе остане.
Ете, повторно не се водам по правилата на другите, баш како што ме учеше ти.
И никогаш нема да се водам, но и нема да заборавам.
Никогаш нема да ја заборавам детската идила во која живеев, благодарение на тебе.
Нема да заборавам како еден човек од два метра ги исполнуваше сите мои детски каприци, кои вклучуваа разни вештини, само со една цел: насмевката на моето лице.


Нема да ја заборавам обостраната неизмерна радост секојпат кога ќе ми подареше играчка.
Нема да заборавам колку обожавав да си играм со твоето мало прсте.
Нема да заборавам дека секогаш ме одбираше мене, покрај сите понуди од пријателите кои порано никогаш не си ги одбивал.
Нема да заборавам дека секоја недела ме носеше во Зоолошката градина, бидејќи знаеше дека обожавам животни.
Всушност, ти беше виновникот за тоа.
Нема да заборавам дека ме научи да пливам, токму онака како што денес „пливам“ низ животот. Ме научи како да уживам во брановите.
Нема да заборавам дека мојата сестра и јас бевме најстарите во друштвото кои сѐ уште веруваа во Дедо Мраз.
Нема да заборавам на новогодишните утра и отворањето подароци.
Нема да заборавам дека присуствуваше на секоја наша приредба и од првите редови гордо ракоплескаше.
Нема да заборавам дека за тебе не постоеше изговор, секогаш ги исполнуваше твоите ветувања.
Нема да ја заборавам топлината во твоите очи секојпат кога ќе те прегрнев.
Нема да заборавам дека те нарекував Принц.
Нема да заборавам дека секогаш ме поттикнуваше, охрабруваше и ми помагаше во моите училишни обврски.
Нема да заборавам колку ми недостигаше кога отсуствуваше поради работата.
Нема да заборавам дека во училиште за првпат се степав дента кога ти ми се налути.
Нема да заборавам дека само ти наоѓаше начин како правилно да ги насочиш моите „бубачки“.
Нема да ги заборавам тие измешани емоции на твоето лице кога за првпат ти соопштив дека имам дечко.
Нема да заборавам дека секогаш чекаше да си дојдам дома, за да можеш мирно да заспиеш.
Нема да заборавам дека секогаш знаеше кога не ја зборував вистината.
Нема да заборавам дека секогаш си контриравме, баш поради тоа што сме исти.
Нема да заборавам дека ме научи како да поднесам удари, а притоа ниту еднаш не крена рака на мене.
Ме научи да ги препознаам и ценам вистинските вредности, да вложувам во себе, но и несебично да помагам на другите.
Ме научи како цврсто да ги бранам своите ставови, но секогаш да ја ислушам и другата страна.
Ме научи да се борам.
Ме научи како да ја препознаам љубовта.
Ме научи никогаш да не заборавам.
И никогаш не заборавам дека ти беше идолот во кој јас се огледував.
И сега, кога веќе пораснав, никогаш нема да заборавам дека токму ТИ си виновникот за она што сум ЈАС, денес.
Но, постои една работа која ти никогаш не смееш да ја заборавиш:
Еј тато, за тебе не постои замена!
Без разлика на патиштата кои животот ќе ни ги постели, ти секогаш ќе бидеш мојот број еден.
Како во нашите детски игри, не заборавај…

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.