Со повеќе убодни рани, скршени ребра и тешки телесни повреди, жена била пронајдена без свест во семејниот дом во гостиварското село Топлица, откако, според сомневањата на Обвинителството, нејзиниот 52-годишен сопруг се обидел да ја убие. Случајот во полиција го пријавил таткото на осомничениот.
Основното јавно обвинителство Гостивар отворило истражна постапка против 52-годишникот поради основано сомнение дека сторил кривично дело убиство во обид при вршење семејно насилство.
Според Обвинителството, на 27 ноември, за време на расправија во семејниот дом во селото Топлица, осомничениот со умисла се обидел да ја лиши од живот сопругата, употребувајќи физичка сила и остар предмет со кој повеќепати ја удирал во главата, лицето и телото.
Од ударите и повредите жената изгубила свест. Кога полициските службеници пристигнале во домот по пријавата од таткото на осомничениот, ја пронашле во бесознание.
Обвинителството побарало од судот да му определи притвор на осомничениот поради опасност од бегство, можност да влијае врз сведоците, но и опасност да го доврши кривичното дело.
„Ценејќи ги сите околности, тежината на стореното кривично дело, опасноста од бегство и влијание врз сведоци, како и можноста да го доврши делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот“, соопштија од Обвинителството.
Истражната постапка се води за кривично дело убиство од член 123 став 2 точка 2 во врска со член 19 од Кривичниот законик.
Од Обвинителството засега не соопштуваат детали за здравствената состојба на жената, ниту дали во семејството претходно биле регистрирани случаи на семејно насилство.



