Викторија Бекам е во окото на јавноста уште од самиот почеток на нејзината кариера, а поранешната „Спајс“ девојка и денес е успешна дизајнерка и претприемачка.
Британската дизајнерка и поранешна пејачка Викторија Бекам е на сцената веќе со години, а со секој свој деловен потег ја воодушевува публиката. Сопругата на познатиот фудбалер Дејвид Бекам денес полни 46 години, а за време на нејзината кариера ѝ се случуваа секакви работи во животот.
Прво ја запознавме како Викторија Адамс, една од петте девојки од познатата група „ Спајс грлс“ кои го освоија светот и станаа една од најпопуларните британски музички групи во светот. Викторија за аудиција се пријавила во 1994 година преку оглас во кој стоело дека девојките кои се пријавуваат треба да се „паметни, екстровертни, амбициозни, мораат да знаат да пејат и танцуваат“. Останатото е историја. Викторија беше позната како „Пош Спајс“, како што ја нарекуваа и медиумите, таа беше позната по својот истакнат стил и штиклите кои скоро никогаш не ги забораваше. Откако бендот се распадна, Викторија продолжи со самостојна кариера и со неколку синглови ја освои музичката топ листа.
View this post on Instagram
I’m so excited!!! So many kisses @davidbeckham @intermiamicf and Team DB!! x VB
Кон почетокот на 1997 година таа го запозна фудбалерот Дејвид Бекам на еден натпревар, а тој подоцна призна дека со колегите од клубот коментирал како ги гледал нејзините спотови и дека таа му се допаднала уште пред да ја види во живо. И самата Викторија изразила желба уште пред да се запознаат дека сакала да го види, бидејќи била голем фан на Манчестер Јунајтед, клубот за кој тој играше во тоа време. Брзо после тоа тие станаа пар, а се венчаа во 1999 година. Денес се еден од најбогатите парови на светот со повеќе од 355 милиони фунти.
Во нивниот брак Бекамови преживеаа многу скандали, афери и кризи. Дејвид започна афера со Ребека Лус во 2003 година. Викторија на почетокот му веруваше дека со неа нема ништо , но подоцна папараците ги фатија во автомобил. Откако ја заврши таа афера, манекенката Сара Марбек јавно изјави дека била со фудбалерот две години. Двете девојки не беа доволно, па Дејвид продолжи да ги ниже аферите се до пред неколку години. Ниту една од овие афери не го уништи нивниот брак.
Викторија во текот на годините имаше и други непријатни ситуации. Детективите на Скотланд Јард во 2000 година добија пријава дека се планира киднапирање на Викторија Бекам и нејзиниот син Бруклин. Тие ги одведоа на тајна локација, но никој не беше фатен. Неколку недели подоцна кога со групата „Спајс Грлс“ настапи на доделувањето на Брит наградите на нејзините гради се појави црвена точка од ласер. Веднаш беше однесена позади бината, а пејачката подоцна раскажа како со недели била потресена, бидејќи полицијата утврдила дека во просторијата бил човекот кој планирал да ја убие.
Бекам е сопственичка на неколку модни линии, а во текот на годините има соработувано со многу дизајнери. Нејзиниот успешен претприемачки живот е активен и денес, а бројните партнери истакнуваат како Викторија е приватно многу приземна личност која на почеток изгледа повлечено. На почетокот од дизајнерската кариера се плашела дека сите ќе ѝ се смеат, но е горда што има постигната модно царство. Таа смета дека модата е нејзин животен повик, а постојано размислува и за нови креации.
Последните неколку години Викторија учествуваше во снимање на дури 5 документарни серии за својот живот. Семејството Бекам е под огромен медиумски притисок, но сепак се обидуваат најинтимните детали да ги задржат за себе.