Заговори, блокади и протести: Што претходеше на упадот во Бразилија?

Бунтовите беа спречени со акција на полицијата која употреби солзавец за да ја растера толпата. Луиз Инасио Лула новиот бразилски претседател активираше полициски единици од целата држава за ефикасно да одговори на упадот во институциите.

Поддржувачи на поразениот претседателски кандидат Жаир Болсонаро и демонстранти кои се незадоволни од исходот на изборите упаднаа во владините згради во Бразилија.

Бунтовите беа спречени со акција на полицијата која употреби солзавец за да ја растера толпата. Луиз Инасио Лула новиот бразилски претседател активираше полициски единици од целата држава за ефикасно да одговори на упадот во институциите.

Смета дека лица од извршната власт, лојални на претходниот претседател, имале „тивка реакција на насилните протести“, за што ќе следи сеопфатна истрага.

Демонстрантите упаднаа во Претседателската палата, Конгресот и Врховниот суд.

Болсонаро негира вмешаност

Поранешниот капетан на бразилската армија остро негираше одговорност за вандализмот и насилството на протестите. Порача дека без никакви докази актуелниот претседател Лула го обвинува за поттикнување на бунтовите во неговите говори.

Болсонаро за време на протестите е во Флорида каде треба да помине најмалку еден месец. Тука, како што е официјално наведено, е да биде блиску до конзервативното упориште на САД предводено од републиканскиот гувернер Рон Десантис и најверојатно иден кандидат за претседател кој ќе му се спротивстави на Трамп.

Екс претседателот, пред да го напушти Бразил, повика неговите симпатизери да не се впуштаат во насилство, и да ја сочуваат демократијата бидејќи друг избор нема.

Сепак, актуелниот претседател ги обвини демонстрантите дека се неофашисти и порача дека сите ќе се соочат со правдата, а демократијата ќе биде одбранета.

Сличности со упадот на Капитол Хил

Упадите во Бразилија делумно наликуваат со упадот на Капитол Хил на 6 јануари 2021 година. Сличностите се гледаат во тајмингот, односно во моменти кога се врши примопредавање на власта во кое поразената страна одбива да ја признае победата на противникот.

Обвинувањата за лажирање на изборниот процес и масовни нерегуларности на државните органи без притоа да се приложат цврсти докази, се заедничка нишка и на Болсонаро и претходно на Трамп.

Сепак, иако идеолошки и двајцата политичари се многу слични, овие демонстрации имаат и големи разлики, а тука претежно се мисли на употребата на насилство и подготвеност да се употреби огнено оружје и импровизирани експлозиви.

Серија на инциденти и заговори

Пред и по официјалната инаугурација на Лула на 1 јануари, се случија повеќе инциденти со поддржувачите на Болсонаро.

Тие уште по објавата на изборните резултати се собираа пред касарните барајќи директна воена интервенција која ќе спречи промена на власта.

Болсонаро по еден претседателски мандат тесно изгуби од Лула кој успеа повторно да создаде голема коалиција и иако во минатото беше суден за корупција, победи во вториот круг на октомвриските избори.

Потоа следеа блокади со камиони и обид за упад во зградата на федералната полиција на Бразил откако активист на Болсонаро беше уапсен со сомнежи за антидемократски постапки.

Најмалку пет лица пред протестите беа приведени од полицијата под сомнежи дека подготвуваат државен удар и употреба на бомби против новата власт на Лула.

Исходот од Бразил е значаен и за меѓународната политика, особено за конзервативните движења кои полагаа голема надеж дека начинот на водење политики како тој на Болсонаро е одржлив и може да биде реплициран и во други држави, но и за нивните идеолошки противници.

TRT Balkan


Пронајдете не на следниве мрежи: