Жестоки реакции и измешани емоции од лутина до неверување, со барање на оставка, па дури и закани по животот, предизвика интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС, во кое тој поинаку ја толкуваше улогата на Бугарија во Втората светска војна и, меѓу другото, рече дека бугарската окупација на Македонија всушност била администрација, а Бугарија не била фашистичка земја, како и дека СФР Југославија по војната ги поделила Бугарите и Македонците.
Со силна осуда на неговите ставови се јавија повеќе интелектуалци, историчари, опозицијата, градоначалници и други, а дел од јавноста му даде поддршка препознавајќи во неговите искази влог за подобра и европска иднина на Македонија. Опозицијата најави протести, а Заев вчера не се повлече од кажаното, туку изрази жалење за силната реакција.
– Жалам што моето интервју предизвика толку силни негативни емоции, за кои сум целосно свесен и кои ги знам и разбирам до детаљ. Но, во исто време, имам обврска кон македонските граѓани да поттикнам придвижување кон решение на прашањата што се отворија со Република Бугарија и што станаа пречка за одобрување на рамката за преговори со ЕУ – рече тој.
Заев: Македонците и Бугарите треба да си простат
Заев потенцира дека двата народа, и Македонците и Бугарите, треба да се соочат со некои прашања од историјата и да развијат капацитет за разбирање и за простување заради заедничката иднина во ЕУ, исто како европските народи што се договориле да не заборават, но да си простат.
– Нашата државност почива на делата на антифашизмот. Македонскиот народ ја оствари својата сувереност во авнојска Југославија и го оствари вековниот идеал за своја држава со асномска Македонија. АСНОМ е историска потврда на нашиот македонски јазик и на нашиот македонски идентитет. Но, давањето етнички карактеристики на фашизмот е неприфатливо. Во бугарски или во кој било друг контекст. Темните страници од балканската и од европската историја не треба да бидат пречка за развивањето на добрососедските односи на Балканот и во Европа. Иако постоеше затоплување на односите меѓу Југославија и Бугарија по учеството на бугарските армии во борбата против фашистите, по 1948 година факт е дека постоеше „железна завеса“ помеѓу Југославија и Бугарија и сериозни историско-политички конфликти околу македонското прашање – се дообјасни Заев.
Тој рече дека сега треба да се отстранат последиците од таа завеса што сѐ уште се чувствуваат и порача „дајте да живееме денеска“. Според него, не може цела Бугарија да се оквалификува како фашистичка.
– Царска Бугарија во 1941 година застана на страната на Тројниот пакт на фашизмот. Во тие моменти никој не ги праша Бугарите на референдум каква е нивната определба за да можеме цела Бугарија да ја оквалификуваме како фашистичка. И во нашата Македонија имаше соработници на фашистите, домашни предавници. Окупацијата од страна на фашизмот била присутна насекаде низ Европа и светот и тоа не е причина да велиме цел еден народ дека е окупатор, затоа велам администрација, затоа што тогашното раководство се приклучило на Тројниот пакт. Но, денеска да зборувате за фашистичка Бугарија или фашистичка Германија, тоа не е поглед кон иднината – појасни Заев.
Прашан кој го извршил масакрот кај Ваташа, тој рече – фашистичкиот окупатор.
Тој објасни дека низ целата држава во соработка со општините биле тргнати дваесетина плочи на кои пишувало „бугарски фашистички окупатор“ и дека се направени измени на некои спомен-обележја, па наместо написите „бугарска фашистичка рака“ и „бугарски куршум“, сега стои „фашистичка рака“ и „фашистички куршум“, согласно со Договорот за добрососедство.
Прашан дали очекува неговото интервју да смени нешто во односот на Софија, рече дека тоа е работа на тамошната влада.
– Не знам дали ќе помогне интервјуто за да се тргне ветото од Бугарија, но сакам да му помогнам на мојот народ за да има други погледи на светот. Да бидам одговорен политичар, кој не калкулира со својата кариера, туку отвора перспективи за својот народ – рече вчера Заев.
Каракачанов: Ќе видиме догодина
Од официјалните лица во Бугарија прв реагираше вицепремиерот и министер за одрана Красимир Каракачанов, кој му честиташе на Заев за неговиот став.
– Се охрабри, поради што некои од неговите противници го критикуваат. Ова е мал чекор во вистинската насока. Ако одиме напред со толку брзи чекори, мислам дека следната година можеме да зборуваме за започнување на преговарачкиот процес – рече Каракачанов.
Тој го поздрави делот во кој Заев ја призна заедничката историја со Бугарија, но рече и дека не верува во декларации и интервјуа, туку сака да види што се прави.
– До пред два месеца работите што ги зборуваше за нашата заедничка приказна за некои вообичаени ликови беа незамисливи да се слушнат. Чекор напред. Приказната е заедничка, но треба да разјасниме што е што. Сепак, тоа е бугарската историја – рече Каракачанов.
Вчера опозициската ВМРО-ДПМНЕ најави протести, а првиот требаше да се одржи синоќа. Според потпретседателот Владо Мисајловски, тезите на Заев предизвикуваат огромна загриженост и може да значат подготовка за нов непринципиелен договор на штета на македонската држава и народ.
– Црвените линии не се згазени, туку избришани. Овие изјави дека Скопје, Куманово и Крива Паланка биле ослободени од Бугарите, се грубо извртување на историските вистини. Тезата за постоење администрација, а не окупатор, е газење кон жртвата на партизаните и антифашистичката основа врз која почива македонската држава. Со ваквата изјава Заев од позиција на македонски премиер се откажа од антифашистичката борба, од Стив Наумов, Кузман Јосифовски Питу, Методија Андонов-Ченто, Михајло Апостолски, Страшо Пинџур. Дваесет и пет илјади семејства пострадаа во војната, а сега за Заев тоа е неважно и така директно ги навредува. Ќе се обратам и до сите искрени и чесни социјалдемократи, кои знам дека не се согласуваат со овие изјави на Заев дека време за политичка борба има, а сега е време за единство за заштита на националните интереси на Македонија. Да не му дозволиме на Заев да ги продаде темелите на државата – рече Мисајловски.
На изјавите на Заев реагираше и неговиот сопартиец и градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски, кој на Фејсбук напиша дека „Куманово е ослободено на 11 ноември 1944 година од страна на 17-та и 18-та Македонска партизанска бригада и во НОБ даде повеќе од 800 партизански жртви и двојно повеќе цивили“. Димитриевски вели дека „сите обиди да се изместат фактите се само реприза од минатото која се повторува на Балканот и дека нашето место е во ЕУ само како достоинствени Македонци со своја сопствена генеза“.
ВМРО-Народна партија му даде поддршка на премиерот Зоран Заев „за храброста со која зборува за македонската историја“. Од партијата на поранешниот премиер Љубчо Георгиевски сметаат дека еден политичар во функција премиер сега ни го соопштил она што македонската историографија требала да го отвори во изминатите три децении демократија.
„Сите работи што ги зборуваше Заев согласно со објективната историја и согласно со најголем дел од книгите извадени од македонскиот архив се точни, а тоа што многу од македонските граѓани се шокирани, само зборува колку македонското општество било индоктринирано. Посебно збунуваат острите тонови од ВМРО-ДПМНЕ, партија што ја внесе идејата за пријателство со Бугарија и објективизирање на македонската историја во раните 90-ти години и ги направи најголемите чекори за приближување“, соопшти ВМРО-НП.
Многумина го осудуваат, малкумина го бранат
Ставовите на Заев предизвикаа лавина од негативни реакции на социјалните мрежи и понекоја охрабрувачка. Според аналитичарот Ненад Јовановиќ, Заев во интервјуто за БГНЕС е разумен, адресира на братски народи и повикува на пријателство, соработка, градење на коридори итн.
„Заев е тука за да повикува на искрено пријателство, да нуди перспектива, да ги продлабочува односите со Бугарите, да ги отвара границите. Не е гласан за толкување на историја“, напиша тој меѓу другото на Фејсбук, а на таа линија се сите други што му даваат поддршка на премиерот.
Од друга страна, многубројни се негативните реакции во кои доминира осудата, како на пример Владимир Милчин меѓу другото напиша „ова што го прави Заев е капитуланство“, Бранимир Јовановиќ побара извинување и напиша дека „окупација не смее да се нарекува администрација затоа што тоа е негирање на фашизмот и е исто како холокаустот да го наречеш владеење“, а Петар Богојевски рече дека Заев воспоставува цензура на слободата на говорот и правото да ги браниме македонските национални интереси.