Сè повеќе граѓани во земјава се одлучуваат за полиси за здравствено осигурување што им овозможуваат да ги користат услугите во приватните здравствени установи. За 950 денари месечна уплата на располагање на осигуреникот му се амбулантни, специјалистички прегледи и операции во сите приватни здравствени установи. Имателот на полисата за доброволно здравствено осигурување годишно има 10 илјади евра за операција и 10 илјади евра за амбулантно и специјалистичко лекување.
Податоците на Агенцијата за супервизија на осигурувањето покажуваат дека бројот на договори за доброволно здравствено осигурување кај друштва за неживотно осигурување постојано расте и тој во 2018 година бил 3.978, а се однесува на 11.727 лица кои се опфатени со овие договори.
Од Агенцијата за МИА појаснуваат дека во 2017 година имало 1.734 договори што се однесуваат на 6.949 лица, а во 2016 година 1.189 договори што се однесуваат на 4.003 лица.
Истовремено, потенцираат дека е забележан пораст на бруто-полисираната премија, која во 2018 година изнесува 125,7 милиони денари, што претставува пораст од 116,37 отсто во однос на претходната година.
На крајот на 2018 година од 11 друштва за неживотно осигурување, осум друштва продаваат доброволно здравствено осигурување. Полиси нудат „Македонија“, „Триглав“, „Сава“, „Евроинс“, „Еуролинк“, „Винер“, „Уника“ и „Осигурителна полиса“.
Покрај овие и четири друштва за осигурување живот продаваат доброволно здравствено осигурување како дополнување на осигурувањето живот – „Кроација живот“, „Граве“, „Винер живот“ и „Уника живот“.
– Друштвата за осигурување живот нудат доброволно здравствено осигурување како дополнување на основниот производ, осигурување живот. Кај нив бројот на осигуреници бележи раст, така што во 2016 година биле 6.229, во 2017 година 6.691, додека во 2018 година 6.908 осигуреници. остварената бруто-полисирана премија е во износ од 11,8 милиони денари, што е порат од 7,01 отсто во однос на претходната година – велат од Агенцијата за супервизија на осигурувањето.
Од осигурителните компании велат дека најчесто корис ници на ова доброволно здравствено осигурување се лица на возраст од 40 години.
– Премијата зависи од возраста на осигурениците, кои се поделени во неколку возрасни групи. Прва група се деца до 18 години, потоа од 18 до 39, од 40 до 49, од 50 до 59, од 60 до 64, од 65 до 69 и од 70 до 74 години. Осигурувањето кога би се поделило на месечни уплата е 950 денари за возрасен. Во едно семејство може да се земе пакет на еден родител со дете што чини нешто под 1.300 денари, бидејќи детето има попуст на полисата за 70 отсто – велат од „Сава осигурување“ и посочуваат дека премијата може да ја плаќаат месечно, квартално, полугодишно и на годишно ниво.
Оттаму додаваат дека осигурениците може да ги користат услугите во сите приватни здравствени установи во земјава, а годишно имаат на располагање 10 илјади евра за операција и 10.000 евра за амбулатно и специјалистичко лекување.
Доброволното пензиско осигурување, според граѓаните, го користат поради нефункционирањето на јавниот здравствен систем. Оние кои имаат можност одвојуваат средства за да можат да ги користат услугите во приватните здравствени установи, но голем дел граѓани и не се информирани за ваквата понуда на осигурителниот сектор, но имаат и недоверба во однос на она што им се нуди и што би добиле.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.