Македонски навигации оваа година за плати ќе подели 16,5 милиони евра, покажува тукушто објавениот финансиски план на контролното тело за авиолетови. Таму се вели дека трошокот за бруто платите ќе се зголеми за дури 18,2 отсто за само една година.
„Трошоците за бруто плати за вработените во 2024 изнесуваат 1.013.050.000 денари и истите се планирани со зголемување од околу 18 проценти во однос на планираните трошоци за бруто плати за 2023“, пишува во планот кој бил усвоен од Владата.
Како причини за ваквото зголемување се наведуват подобрувањето на воздушниот сообраќај, колективниот договор со нов анекс од август минатата година, како и нови вработувања.
Според ова, просечна месечна бруто плата во М-НАВ, каде има 300-тини вработени, би изнесувала околу 4.600 евра по вработен, според пресметката во планот. Како посебна ставка, таму е напишано и дека за 200 отсто се зголемуваат „другите трошоци за вработените“, кои сега се предвидени да изнесуваат 300.000 евра, а во овој посебен трошок се предвидени други надоместоци, превоз, отпремнини и друго.
Оваа институција, која беше актуелна во јавноста по скандалот со упадот на надворешни лица и наводното тепање на членови на синдикатот, брои околу 300 вработени. Во меѓувреме имаше и препукување помеѓу синдикатот и политичката елита, така што едните беа против вработувања на партиски послушници во таква сензитивна дејност, додека другите пак искоментираа дека М-НАВ станала „семејна фирма за вработување до трето колено“.
Планираните приходи за 2024 се 1,4 милијарди денари, или околу 23 милиони евра, односно за 14 отсто повеќе од лани, а најмногу поради зголемениот број на прелети од кои се наплатува од приватните компании. За инвестиции ќе бидат потрошени околу 3,5 милиони евра, а планирана е и добивка од повеќе од половина милион евра на крајот од годината.
Последната независна ревизија, направена за 2022, потврди дека директорска просечна месечна бруто плата во М-НАВ во 2022 година била 6.100 евра месечно. А во однос на 2021 година е зголемена за 50 отсто.
М-НАВ е најпосакуваната државна компанија на ранг листата за вработување во однос на сите државни акционерски друштва и јавни претпријатија, а тоа го покажуваат официјалните податоци за независната финансиска ревизија што друштвото ја ангажирало за работењето во 2022 година.
Тоа е услужна компанија со уникатна дејност – го контролира движењето на авионите и други воздухоплови на македонското небо. Тука влегуваат прелетите, полетувањата и слетувањата на пистите на нашите аеродроми. За таа услуга во најголема мерка наплатува од „Еуроконтрол“ суверено тело кое го менаџира европското небо.