Зголемен бројот на заразени и во соседството, можни се нови мерки на границите

Вкупно 78 случаи на Ковид-19 беа регистрирани во текот на вчерашниот ден. Иако бројката е значително помала во однос на претходните недели, сепак надлежните предупредуваат дека есенските денови се ризичен период во кој треба да внимаваме. Бројката, пак, на новозаразени во соседните земји се зголемува и поради тоа, можно е воведување нови мерки за влез во нашата држава.

Како што информира Министерството за здравство, вчера беа направени 894 тестирања, а регистрирани се 78 нови случаи со Ковид-19 во: Скопје – 26, Куманово – 4, Дебар – 1, Штип – 17, Тетово – 9, Струга – 3, Битола – 1, Охрид – 1, Гостивар – 5, Крива Паланка – 1, Кочани – 1, Пробиштип – 3, Виница – 1, Свети Николе – 5. Починати се пет пациенти, тројца од Скопје, еден од Куманово и еден од Струга. Институтот за јавно здравје регистрира 172 оздравени лица од: Скопје – 72, Куманово – 53, Штип – 20, Прилеп – 4, Тетово – 10, Велес – 1, Гостивар – 5, Пробиштип – 2, Ресен – 4, Неготино – 1..

Вкупната бројка на Ковид дијагностицирани во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 7.124, бројката на оздравени пациенти е 3.199, на починати е 346, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3.579. Според министерот за здравство, Венко Филипче, мора да бидеме свесни апсолутно сите, дека ако не се придржуваме до мерките и има зголемена трансмисија на вирусот и поголем број пациенти, повторно ќе се воведат рестриктивните мерки.

Колку повеќе ги почитуваме мерките и колку повеќе граѓани носат маска, како што наведува Филипче, го сведуваат на минимум ризикот од пренос на вурусот. Есента е апсолутно ризичен период, не само за нас, туку и за сите земји. – Есенските месеци лично сметам дека ќе бидат голем ризик за влошување на ситуацијата со тоа што отворање на градинки, училишта и повторно поголема комуникација меѓу младите луѓе е дополнителен ризик и затоа и се овие подготовки, на дополнитени кревети, надвор од сегашните болнички капацитети.

Таа повторна фревенција на дружење на младите во школите и во градинките. Есенските месеци со поладно време, неможноста граѓаните да чекаат ред надвор, е се дополнителен ризик, посочи Филипче на вчерашната прес-конференција. Тој додаде дека во изминатиот период целиот тим на Министерството за здравство и менаџерите на болниците биле посветени на менаџирање на капацитетите и ресурсите и организацијата на системот на ротација.

– Работиме на подготовка на капацитетите за есенскиот период. Во следниот период ќе имаме целосно подготвен план за тоа кои би биле дополнителни кревети кои би се користеле за сместување пациенти ако се наметне потреба во есенските месеци со план за ротација на медицински персонал. Има неколку студентски домови во Охрид, Битола, каде може да се сместуваат пациенти, но е прашање како тоа ќе се изменаџира во следниот период со Министерството за образование и како тие капацитети ќе бидат исполнети со студенти, рече Филипче.

Анализата на хоспитализирани и нивното доаѓање во болница упатува на заклучокот дека има еден добар процент пациенти со Ковид-19, кои доаѓаат во болница откако состојбата им е значително влошена. И најмало влошување, според Филипче, треба да биде знак дека е потребна хоспитализација заради тоа што тоа е начинот на кој би се избегнале сериозни компликации и смртен исход. Појасни дека дваесет и шест проценти од болните со Ковид-19 имаат над 60 години и повторно упати апел возрасните и хронично болните да бидат многу внимателни.

Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 20 до 28 јуни, споредено со претходната недела, се регистрирани 303 помалку нови случаи со Ковид-19, осум помалку смртни случаи, 216 повеќе оздравени. . Надлежните повтотно апелираат граѓаните да соработуваат со здравствените работници, да даваат точни податоци за епидемиолошките анкети, затоа што тоа е многу битен сегмент за рана детекција на нови случаи.

Загриженост постои и од зголемувањето на бројот на новозаразени со Ковид-19 во соседните земји. Поради тоа, можно е да се воведат одредени мерки за влез во нашата држава, доколку се утврди дека постои ризик за нашиот здравствен систем. Комисијата за заразни болести веќе разговарала за зголемениот број на заразени во соседството. За време на изминатиот викенд немало индикација за поголема опасност од влезот на граѓаните од соседните земји, но се чекаат информации од повеќе центри за јавно здравје од градовите од Косово и од Србија. Врз основа на добиените податоци, следните два дена ќе се одлучува дали ќе се преземат мреки на границите.
Зголемен бројот на заразени и во соседството, можни се нови мерки на границите.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.