Зеленски: Русите минираа хидроцентрала на југ на Украина

Украинскиот претседател Володимир Зеленски синоќа изјави дека Русите разнеле хидроцентрала во областа Керсон на југот на неговата земја, која сега е под контрола на руските сили.

„Според нашите информации, руски терористи ги разнеле агрегатите на хидроелектричната брана Каховка“, рече Зеленски во редовното ноќно обраќање до граѓаните преку социјалните мрежи.

„Во случај на уништување на браната… Каналот Северен Крим едноставно ќе исчезне“, што би било „катастрофа од големи размери“, рече Зеленски.

За оваа можност тој веќе зборуваше на самитот на Европската унија.

Хидроелектричната брана Хаковка на реката Днепар е под контрола на руската војска и недалеку од линијата на контакт со украинските сили.

Каналот Северен Крим долг 400 километри служи за одводнување на почвата и наводнување на земјоделско земјиште и снабдување со вода за индустријата и населението во регионот Керсон на југот на Украина и на полуостровот Крим.

Изграден е од 1957 до 1971 година по идеја од 19 век.

Според податоците од 2015 година, тој канал обезбедувал 85 отсто од потребната вода на Крим, најмногу за земјоделството, а помал дел за индустријата и потребите на населението. Каналот започнува од акумулацијата Каховка што се храни од реката Днепар, а покрај него има седум акумулирани езера.

Украина го затвори Северниот Кримски Канал во 2014 година по руската анексија на Крим, но протокот на вода беше обновен во март оваа година за време на руската инвазија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.