Приватниот профил на претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) Билјана Ивановска на „Фејсбук“ е злоупотребен, информираа денеска од ДКСК.
– Одредени лица за нив познати цели злоупотребуваат семејни фотографии на Ивановска и со фотомонтажа се обидуваат да создадат невистинита слика во јавноста. Против нив, Ивановска ќе поведе приватна постапка, имајќи предвид дека се работи за приватен профил, се наведува во соопштението од ДКСК.
Државната комисија за спречување на корупцијата и судирот на интересите најави дека ќе продолжи да работи согласно своите надлежности и да постапува по ист принцип кон сите предмети.
ДКСК ги повикува сите релевантни чинители во општеството да дадат свој придонес во борбата против корупцијата и судирот на интереси бидејќи, како што посочуваат, само со заеднички залагања може да има резултати.
– Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) согласно своите надлежности постапува со ист пристап кон сите предмети. Целокупната стручност и расположливите капацитети се насочени кон утврдување на фактите и давање на соодветни препораки за натамошно постапување за сите предмети на кој работела Комисијата во овој мандат. Сите предмети кои досега ги оформила Комисијата, се процесуирани согласно постоечката регулатива. Секогаш кога имало законска основа за препорака за понатамошно процесирање на одреден предмет, Комисијата ги проследила до надлежната институција која понатаму согласно своите ингеренции треба да постапува, стои во соопштението.
Согласно природата на дејствување, Комисијата постапува по предмети од областа на корупцијата и судирот на интереси, области кои се поврзани со високи јавни функции.
– Тоа е често и причина да се преземаат јавни дејствија за дефокусирање на јавноста од одредени отворени предмети или теми, за да се искриви реалната слика и да се наруши интегритетот и кредибилитетот на одредени членови на Комисијата. На тоа сме сведоци и во моментот, наведуваат од ДКСК.
Пронајдете не на следниве мрежи: