Зошто Катица Јанева го прекина боледувањето после осмиот ден, иако и беше издадено од матичен лекар за 30 дена? Последнава информација ја потврди и Специјалното јавно обвинителство на барање на медиумите. А одговор нема зошто боледувањето е прекинато, односно Јанева се појави на работа на 23 јули, пишува судство.мк.
На боледување Јанева замина само ден откако ја објави својата одложена оставка, односно ден откако пукна скандалот со „Рекет“ кога беа приведени Боки 13 и Зоки Кичеец.
Во меѓувреме додека пред да го прекине боледувањето се засилија индициите за инволвираноста на специјалната обвинителка во „Рекет“, односно дека еден од клучните играчи во изнудувањето пари од бизнисменот (сега веќе повеќемина се откако се пријавија и други на кои им биле барани огромни суми) и уцените е токму Катица Јанева. Спорен беше вториот телефон на обвинителката, за кој прво се велеше дека бил изгубен, за бргу потоа да биде пронајден кај девојката на нејзиниот син- и тоа ни повеќе ни помалку, и бил даден на подарок. Кога последнава информација излезе, Јанева одлучи токму од СЈО, веќе вратена на работа да и се обрати на јавноста. Тогаш рече дека таа не била виновна, а и им сврте грб на новинарите кога заврши со обраќањето, не дозволувајќи новинарски прашања.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев не мина ниедно обраќање во јавноста да не и изрази поддршка на обвинителката. Рече таа за него останува симбол на правдата се додека не се докажела поинаква вистина. Но, во исто време се откажа од неа предлагајќи ја актуелната шефица на Обвинителството за организиран криминал Вилма Русковска, за надлежна на новото обвинителство што ќе треба да гони организиран криминал и висока корупција. Се разбира дека се од последново останува само на предлог, оти опозицијата смета дека овие решенија се противзаконски. Но настрана тоа… Дилемата за Јанева останува отворена.
За специјалната обвинителка се уште нема истрага, иако има јасни индиции.
извор:судство.мк