Зошто не можеме да ѝ одолееме на вкусната храна дури и кога сме сити?

Храната богата со масти и јаглехидрати посебно силно го стимулира центарот за наградување во мозокот, што може да доведе до прејадување со нездрави продукти, како што се брзата храна и слатките, покажа ново истражување.
„Веројатно под влијание на мајчиното млеко силно реагираме на храна богата со јаглехидрати и масти, па ја сметаме за посебно вкусна, бидејќи е клучна за преживување“, објаснува Марк Титгемаер, од Институтот во Келн за истражување на метаболизмот, кој го спроведе истражувањето во соработка со американскиот универзитет Јејл.
Покрај во мајчиното млеко, во природата нема храна која истовремено е така богата со масти и јаглехидрати, велат научниците.


Тим на експерти покажа дека и мрсната храна и храната богата со јаглехидрати активираат во мозокот ослободување на допамин, хормон одговорен за чувство на задоволство, иако на различни начини.
Комбинацијата на масти и јаглехидрати го зголемува тој ефект на задоволство, потиснувајќи го чувството на ситост.
„Тоа е причината поради која не можеме да прекинеме со јадење, дури и ако сме сити“, вели Титгемаер.


За да ја испитаат желбата кон различни видови на храна, научниците одбраа 40 доброволци кои ќе играат компјутерска игра, а наградата за победата во играта е храна. Храната понудена во компјутерската игра била богата со масти (сирење) или богата со јаглехидрати (пециво), или и двете.
За да дојдат до одредена храна, испитаниците мораа да се натпреваруваат со компјутерот. Научниците утврдија дека испитаниците многу повеќе се натпреваруваат за храна која е богата со масти и јаглехидрати.
Главниот заклучок од истражувањето е дека делот од мозокот во кој се наоѓа центарот за наградување, најсилно е стимулиран со храна која има висок процент на масти и јаглехидрати.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.