Семејните тајни, проблемите, како и радоста треба да ги чувате во кругот на семејството. Мислите дека во вашето опкружување не постои некој кому не можете да ги кажете сите работи и кој не чувствува ни трошка завист?
Вашата приватност и семејство на некој начин е свет круг, ваша тврдина која понекогаш морате да ја заштитувате од нападите на завидливите и несреќните луѓе кои сакаат и вие да бидете несреќни.
Еве неколку работи на кои треба да обрнете внимание:
Партнерите секогаш треба да бидат поддршка еден за друг
Вас ви е потребен партнер кој пред сѐ ќе ви биде најдобар пријател, кому ќе можете да кажете апсолутно сѐ, кој ќе ве разбира, советува и ќе ве заштити кога е потребно. Важи и за мажите и за жените.
Нема тајни меѓу партнерите
Ни мажот, ни жените не треба да имаат тајни кои ги кријат еден од друг, а истите тие работи ги кажуваат на други луѓе. Освен што давате порака дека имате некој кој ви е поблизок и во кого имате повеќе доверба отколку во својот партнер, сѐ доведувате себеси во ризик да бидете изложени на виделина и вашата тајна да биде раширена и вашиот партнер да ја дознае вашата тајна од сосема друга страна.
Отфрлете ги шегите кои можат да го повредат партнерот
Дури и кога се шегувате немојте да го допирате партнерот во болни точки, дури и ако вам ви изгледа како глупост. Со тоа ќе го принудите да се повлече и да престане да ги споделува своите тајни со вас затоа што ќе се плаши дека ќе му се смеете. И никако, ама никако немојте да ја прераскажувате вашата интима на други луѓе!
Не дозволувајте други луѓе да зборуваат лошо за вашите партнери!
Ако не сте присутни секако дека не можете ништо да направите, но ако некој зборува лошо за вашиот партнер пред вас, дури и ако тие се присутни тука до вас, застанете во неговата одбрана. Поради тоа повторно се враќаме на тоа дека не смеете да зборувате за вашите интимни работи пред другите, затоа што тоа во секој момент може да биде злоупотребено.
Не се фалете со вашата среќа
Исто како и тајните, така и радоста треба да ја чувате за себе и партнерот. Секако дека убавите моменти и вести ќе ги споделувате со блиските, но не претерувајте со фалење и споделување премногу детали. Запомнете дека среќата е најостар трн во окото на завидливите и оние кои не ви посакуваат добри работи. Никогаш немојте да бидете сигурни дека не постои таква личност во вашиот живот.
Не им дозволувајте на пријателите и познаниците да ви се мешаат во животот
Советите се сосема океј и понекогаш убаво е да чуеме разновидни мислења, но не значи дека треба да го послушаме секој совет. Она што е добро за еден човек не значи дека е добро за некој друг. Бидете внимателни, дискутирајте за сите работи со партнерот и на крај слушнете го вашето срце. Направете сѐ што мислите дека треба за да ја зачувате вашата врска и да го задржите мирот во вашиот дом. Нормално дека некогаш доаѓа до несогласувања, но никој не треба да биде инает и да тера само по свое, туку треба да се сослушате и да се обидете да стигнете до компромисно решение. Тоа е единствениот начин да бидете среќни и сложни. И кога ќе дојдете во искушение да терате само по свое, запрашајте се: Дали ви е поважно да бидете во право или да бидете среќни?
Ако и двајцата го почитувате ова, ќе го избегнете озборувањето дури и кога не сте присутни, а хармонијата, мирот и среќата во вашата врска секогаш ќе бидат на највисоко ниво.