Бидејќи ниту еден од тројцата кандидати на вчерашното гласање не освои мнозинство гласови од вкупниот број избирачи, односно 904.066 гласови новиот претседател на државата ќе се избира во вториот круг.
Според првичните неофицијални податоци од Државната изборна комисија (ДИК) од обработени 99,96 насто од гласовите одѕивот во првиот круг на претседателските избори изнесува 41,82 отсто или на гласање излегле 755.816 граѓани. Води претседателскиот кандидат на СДСМ и Коалицијата, Стево Пендаровски со 42,85 насто, втора е кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Сиљановска Давкова со 42,24 насто, а трет е кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса, Блерим Река со освоени 10,57 насто од гласовите. За Пендаровски гласале 323.846 граѓани, за Сиљановска Давкова 319.240, за Река 79.915 граѓани, а неважечки се 32.828 ливчиња.
Вториот круг на гласањето ќе се одржи на 5 мај, а во него ќе се соочат двајцата првопласирани на вчерашните избори, Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска Давкова. За некој од двајцата кандидати да ја добие функцијата претседател на државата неопходно ќе биде на гласање да излезат најмалку 40 насто од вкупно 1.808.131 избирач кои се запишани во избирачкиот список, односно 723.253 гласачи. Доколку се исполни цензусот ќе победи тој што ќе добие повеќе гласови. Во спротивно ќе треба да се прогласат нови претседателски избори.