Со 62 гласа „за“, 44 против и без воздржани, синоќа Собранието ги избра замениците министри во новата Влада.
За заменик министер во Министерството за одбрана е избран Башким Хасани, додека за заменик министер во Министерството за внатрешни работи е избран Назим Буши.
Димитар Ковачевски е избран за заменик министер во Министерството за финансии, додека Агим Нухиу ќе биде заменик министер за правда. За заменик министер во Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е избран Илхан Рахман, додека заменичка на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи ќе биде Фатмире Исаки.
Во ресорот економија, за заменик министер е избран Зоран Маневски, додека Трајан Димковски ќе биде заменик министер во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Илир Хасани од сега ќе биде заменик министер во Министерството за здравство, додека во Министерството за образование и наука на оваа функција е избран Арафат Шабани. Министерството за труд и социјална политика за заменик министер го добива Енвер Хусејин, додека во Министерството за локална самоуправа на таа функција е избран Зоран Димитровски.
Министерството за култура за заменик министер го добива Седат Сулејмани, додека Александар Бајдевски ќе ја врши оваа функција во Министерството за информатичко општество и администрација.
Беким Реџепи е новиот заменик министер во Министерството за транспорт и врски, а за заменичка во Министерството за животна средина и просторно планирање е избрана Христина Оџаклиеска.
Со изборот на замениците министри, Владата сега е во полн состав, откако претходно беше изгласана, по изборите кои се одржаа на 15 јули.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.