Избрани тројцата финалисти за наградата ДЕНЕС за млад визуелен уметник

Јован Јосифовски, Марко Гутиќ Мижимаков и Ивана Самандова се тројцата финалисти кои влегоа во годинешниот избор за млад визулен уметник за наградата ДЕНЕС.

Факултетот за работи што не се учат – ФРУ Скопје, во соработка со Мрежата „Награди за млади визуелни уметници“ (YVAA), резиденциската програма Residency Unlimited (RU), Њујорк и фондацијата Trust for Mutual Understanding, Њујорк, по осумнаесетти пат го организираше процесот за доделување на наградата ДЕНЕС. Наградата се доделува на годишно ниво на исклучителна и истакната тековна уметничка практика која подразбира критичко и естетско размислување и дејствување и е единствена награда за млад визуелн уметник во земјава од овој вид.

Ивана Самандова

Оваа значајна и независна награда, покрај двомесечната програма за престој на уметници во Њујорк во Residency Unlimited во 2025 година, од минатата година во која го одбележа и своето 20 годишно постоење, вклучува и други новини и резиденции.

ДЕНЕС исто така овозможува и уникатно искуство на уметниците да бидат дел од специјално наменет едукативен процес во визуелната уметност насловен „Совршениот уметник“, да имаат средби и презентации со интернационална жири комисија и да продуцираат ново дело, во рамки на изложба како финалисти на наградата.

Отворениот повик траеше од 16 април до 31 мај, 2024 година и се пријавија дваесетина кандидати. Жири комисијата која ги избра тројцата финалисти е во состав Сања Анѓелковиќ, аудиовизуелна уметничка со седиште меѓу Нови Сад и Виена, добитничка на наградата Димитрије Башичевиќ Мангелос во Србија во 2023 година; Ксениа Нурил, историчарка на уметност и кураторка, директорка на галеријата на реномираното уметничко училиште Art Students League од Њујорк, САД и Ана Франговска, историчарка на уметност и кураторка, виш кустос во Националната галерија на Република Северна Македонија и претседателка на АИКА.

Јован Јосифовски

По овој процес на избирањето на финалистите, следува подготовка на групна изложба со нивни дела која ќе се отвори на 19  ноември 2024 год. во Национална галерија на Република Северна Македонија – Мала станица во Скопје, а жирито ќе го/ја избере и добитникот/добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited (RU) во периодот август – септември, 2025 година.

Во објанснувањето на изборот, за тројцата финалисти жирито ќе каже:

Творештвото на Јован Јосифовски е многу привлечно и по својата материјалност и по својата концептуална основа. Медитирајќи над радостите и несигурноста на квир животот во постјугословенскиот контекст, Јосифовски се фокусира на средствата за бегство, судирите меѓу црквата и државата, како и за распространетоста на физичкото насилство врз локалната ЛГБТИ заедница во различен опсег на медиуми, од инсталациска уметност и скулптура, до текстил и колаж. Се чини дека уметникот е водечки глас во уметноста од овој домен, и жирито со нетрпение очекува да го види неговото дело изложено како финалист за оваа престижна награда.

Марко Гутиќ Мижимаков

Творештвото на Марко Гутиќ Мижимаков се издвојуваше поради паметната игра помеѓу интимната (субјективна) и објективната (заедничка) семиотика на звуците и симболите, како и неговиот карактеристичен аудио-визуелен јазик. Меѓурелациските структури на неговите дела се тие што ги прават привлечни.

Ивана Самандова e младa визуелнa уметница која користи мулти и трансдисциплинарен пристап мешајќи или надминувајќи ги границите на традиционалните и современите техники, вклучително и сликарството, цртежот, објекти, дигиталната уметност (видео, дигитални принтови) и инсталацијата, за да истражи сложени теми на идентитет, наследство и меморирање, екологија, сложеноста на човековите врски итн. Нејзиниот пристап е издржан, комплексен, повеќеслоен и концизен. Успева одлично да ги презентира своите истражувања и успешно го изготвила своето професионално портфолио.

Пронајдете не на следниве мрежи: