Лидерот на Хамас Исмаил Ханија рече дека убиствата нема да го притиснат Хамас да ја омекне својата преговарачка позиција
Тројца синови и тројца внуци на лидерот на Хамас Исмаил Ханија, беа убиени во израелски воздушен напад врз Газа, јавува новинската агенција Шехаб, поврзана со Хамас. Скај њуз стапил во контакт со израелската војска за да ја потврди или негира оваа информација, но се уште не добил одговор.
Шефот на Хамас Исмаил Ханија, исто така ја коментираше смртта на неговите синови и внуци, велејќи дека Израел го направил тоа „во духот на одмаздата“. Тој за катарската телевизија Ал Џезира изјавил дека неговите синови „станале маченици на патот кон ослободувањето на Ерусалим и џамијата Ал Акса“.
„Криминалниот непријател е воден од духот на одмазда и не цени никакви стандарди или закони“,
рече Ханија кој живее во егзил во Катар.
Тој рече дека убиствата нема да го притиснат Хамас да ја омекне својата преговарачка позиција.
„Непријателот верува дека со убиството на семејството на лидерот ќе го принудат Хамас да се откаже од барањата на нашиот народ. Секој кој верува дека убиството на моите синови ќе го принуди Хамас да ја смени својата позиција, се залажува себеси“,
рече тој.
Хамас пред половина година го нападна Израел и уби околу 1 200 луѓе, главно цивили, а киднапираше околу 200 цивили и ги одведе во Газа. Убиените израелски цивили често биле мачени пред нивната смрт, а има веродостојни извештаи дека терористите на Хамас силувале и сексуално нападнале голем број израелски жени за време на нападот.