Индустријата за новогодишни украси вреди милијарди

Украсите, лампионите, сијаличките и декорациите им даваат дополнителен ефект на новогодишните и божиќните празници и имаат голема улога во подигнување на општото расположение кај населението.

Во домаќинствата се издвојуваат и посебни буџети за декорирање и украсување и речиси секоја празнична сезона се обновуваат украсите или сијаличките.

Во оваа индустрија на глобално ниво се вртат огромни суми пари. Од една страна се земјите кои трошат најмногу средства за купување украси, а од друга се земји кои се посветени на задоволување на потребите на пазарот.

Кина е новото „седиште“ на Дедо Мраз

Кина годишно има обрт од над 10 милијарди американски долари, само преку продажба на лампиони, новогодишни украси и сијалички за украсување. Тоа ја прави убедливо најголемиот извозник на новогодишни украси во последните години, со тоа што се очекува по рекордната 2021 година, оваа да ја заврши со девизен прилив од над 11 милијарди долари.

Во 2021 година, според податоците на базата за трговија на Обединетите нации, од Кина биле извезени новогодишни украси вредни 9.5 милијарди долари, додека пак за украсни новогодишни сијалички биле издвоени 1.4 милијарди долари.

Во петте најголеми светски извозници на украси за новогодишните и божиќните празници влегуваат Камбоџа која во текот на 2021 година успеале да стигне до прилив од 379 милиони долари, Холандија е трета и прва во Европа со извоз вреден 358 милиони долари, потоа следат Филипини со новогодишни украси во вредност од 108 милиони долари и Германија од каде биле извезени лампиони и сијалички вредни 105 милиони долари.

Холандија е втора земја во светот зад Кина ако се гледа само извозот на новогодишни украси и во текот на 2021 година извозот е проценет на 234 милиони долари, а зад нив е Германија со извоз од 79 милиони долари.

Азиските земји водат во категоријата новогодишни украсни сијалички. Зад Кина повторно стои Камбоџа со извоз од вкупно 356 милиони долари и Филипини со извоз од 97 милиони долари на сијалички.

Најголеми увозници пак, на новогодишни и божиќни украси се Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Канада и Германија. Во производството на новогодишни дрвја предничат скандинавските земји, а најголем извозник на природни елки е Данска.

Се очекува вкупниот глобален обрт остварен од трговија со новогодишни украси, сијалички, елки и други декоративни предмети само во текот на празничната сезона да достигне вредност од над 7 милијарди долари.


Пронајдете не на следниве мрежи: