Инфлуенсерка на Инстаграм промовира тренд на избелување на забите со шампон за коса, без оглед на предупредувањата за опасноста од ваквиот метод.
24-годишната Саскија Ворд тврди дека ги избелува забите со виолетов шампон за коса кој е наменет за тонирање на русите нијанси. Освен тоа, Ворд често објавува видеа на оваа социјална мрежа на кои покажува како изгледа целиот процес.
Како што вели таа, и нејзиниот заболекар признал дека забите ѝ изгледаат неверојатно.
„Ставив малку шампон на четкичката за заби и се молев забите да не ми станат виолетови. Неодамна отидов на преглед кај мојот заболекар, а тој ме пофали и ми рече дека забите ми изгледаат неверојатно. Добивам бројни прашања за нив, па решив да ја откријам својата тајна“, вели Саскија и додава:
„Виолетовиот шампон за коса нема одличен вкус, но убавината ве наведува на некои „луди“ работи, а јас сум подготвена на сè. Секоја вечер ги мијам забите со ваков шампон за наутро да ми бидат блескави“.
Со оглед дека нејзините објави имаат многу прегледи, експертите предупредуваат на опасноста од овој „трик“.
„Не само што не треба да ги миете забите со шампон за коса, туку не треба ни да го користите во близина на устата. Користењето на шампон на таков начин може сериозно да го искомплицира вашето здравје, правејќи поголема штета отколку корист, а состојките во него не можат да ги отстранат дамките на вашите заби“, вели д-р Калед Касем кој предупредува жените да не го следат примерот на оваа девојка.