Вирусот SARS-CoV-2 продолжува секојдневно да коси животи на наши сограѓани, а исклучок воопшто не се здравствените работници.
Унијата на ЗМСТАС (Здружение на медицински сестри, техничари, акушерки и стоматолошки сестри) утрово со голема жалост информираше дека една од последните жртви е Ирена Дојчиновска Милошевска, од Геронтолошкиот завод „13ти Ноември“ во Скопје. На возраст од 40 години, таа е и досега најмладата медицинска сестра во земјава што го загуби животот како резултат на ковид-19.
Трагедијата ја прави уште поголема тоа што животот на Дојчиновска згаснува само еден ден пред да има повод за прославување. Имено, како што информираат од ЗМСТАС, нејзиниот погреб ќе се одржи утре, на денот на нејзиниот роденден.
„Голем борец и хуманитарец во и вон своите работни обврски. Унијата на ЗМСТАС ќе ја памети како некој кој несебично се даваше во сите активности поврзани во нашата борба за сестринските права, ќе ја паметиме како голем човекољубец, лојален соработник и голем пријател. Ангелите никогаш не умираат ❤️ “, порачуваат од унијата, изразувајќи, пред сѐ, сочувство до семејството и најблиските.
Тие, воедно, испратија и апел до граѓаните:
„Сакаме да апелираме и да потенцираме дека вирусот е навистина безмилосен и не постојат рамки на возраст во кој тој напаѓа. Ова не е првата жртва медицинска сестра, меѓутоа е најмладата. Медицинските сестри секојдневно го ризикуваат својот живот и животот на своите најблиски за пациентите. Ве молиме придржувајте се до мерките и помогнете на здравствениот систем кој одамна се бори вон своите можности“, се вели во него.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.