Италија разби голема педофилска мрежа

Во Италија три лица денеска се уапсени, а дополнителни 50 се под истрага поради порнографска злоупотреба на деца, вклучително и новороденчиња.

Сликите биле испраќани преку сервис за размена на пораки, а се направени за време на злоупотребата. Италијанската полицијата соопшти денеска дека е откриена огромна количина порнографски материјал со застрашувачки приказ на сексуално насилство во кој меѓу жртвите се и новороденчиња.

Акцијата е спроведена со помош на канадскиот Координативен центар против експлоатација на деца.