Дербито на третото коло од новата сезона во Серија А, меѓу Лацио и Милан заврши без победник (2-2).
Двете екипи имаа свои шанси за триумф, Милан водеше, Лацио направи пресврт, но по сето прикажано, ремито е најреален исход. Српскиот репрезентативец Павловиќ го отвори резултатот во осмата минута со својот прв гол за Милан и „росонерите“ ја задржаа предноста до 62. минута. За краток период потоа Лацио направи пресврт преку Кастеланос и Диа, но Леао се погрижи за второ израмнување и поделба на бодовите.
По три кола Милан уште нема победа во Серија А и само два освоени бода, па првиот триумф ќе го бара во четвртиот круг против Венеција за две недели. Лацио е со четири бода што, исто така, не е ефект според очекувањата ако се има предвид дека во претходните две кола имаше релативно лесни противници.