И по два месеца се чека за снимање на мамограф

Секој ден на 3 до 4 жени во земјава им се дијагностицира рак на дојка. Минатата година регистрирани се околу 1200 новозаболени, а близу 500 –тини починале, покажуваат податоците од невладината Борка. Иако раното откривање е клучно за успешен третман на болеста во некои здравствени установи се чека и по два месеци за снимање на мамограф. Министерот за здравство вели дека листата е зголемена бидејќи морало комплетно да се сервисираат сите 15-тина апарати за да се подобри дијагностиката, анализира Сител.


-Се работи на квалитетот и на постојните мамографи и веќе од средината на минатиот месец сите се целосно сервисирани и во функција и тоа ќе го намали времето на чекање за потребниот преглед. Најави дека во тек е набавката на осум нови мамографи, и ќе бидат соодветно распределени за жените да имаат пристап до мамографијата, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
-Министерството за здравство веднаш реагираше, и од оваа година веќе се набавени нови мамографи, а кога ќе се стави функција и скрининг програмата, тој проблем ќе се надмине, рече таа и додаде дека сега се чека од месец до два, на некои места две недели, додека оние кои се веќе оперирани имаат приоритет за мамографски преглед, и тука нема поплаки од пациентите, изјави Биба Додева, претседател на здружението Борка.


За подигање на свеста за ракот на дојка единаесетта година по ред во Скопје се одржа манифестацијата “Напред розово” во организација на здружението “Борка” и амбасадата на САД во земјава.
-Ова е исклучителна можност за да ги зголемиме средствата, да ја зголемиме свесноста, да ги охрабриме луѓето за ран скрининг и рана дијагностика за да се свесни за оваа болест, како и да ја зголемиме надежта, рече Кејт Мери Брнс, амбасадор на САД во земјава.
-Превенцијата е од исклучително значење за оваа болест, како што е начинот на исхрана, употребата на алкохол и тутун, изјави Елизабета Ѓоргиевска, сопруга на претседателот Стево Пендаровски.
Во месецот посветен на борбата против ракот на дојка минситерот за здравство рече дека обезбедиле комплетна терапија за сите жени кои ја имаат оваа болест, а најави и дека од идната година сите пациенти оперирани од малигни болести ќе бидат ослободени од партиципација не само за лекување туку и за сите неопходни прегледи и снимања.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.