За денес синоптичарите најавија снежни врнежи насекаде, но не со ист интензитет. Најмногу снег се очекува да наврне на планините долж јужната граница, и тоа на потегот од Баба, па се до Кожуф, со тоа што Кожув може да очекува и до 40 сантиметри вкупна нова снежна покривка, која нема да биде рамномерна заради пропратниот северен ветер, кој ќе услови формирање на снежни навети.
Од пониските места, најмногу врнежи, но без особено изразен интензитет, очекуваме во Пелагонија и тиквешкиот крај. Таму можеме да очекуваме мало дополнување на снежната покривка. Слаби врнежи се очекуваат и во планинскиот регион долж источната граница.
Наутро ќе биде студено, со температура помеѓу -6°С и -3°С на пониските места, и околу -8°С на повисоките места.
Дневниот максимум на температурата ќе достигне вредност околу -1°С во поголем дел од котлините, а на повисоките места во западниот крај околу -5°С.
Во Скопје се најавува претежно облачно време со повремени, слаби врнежи од снег. Мала е шансата во пониските делови од Скопје да се формира снежна покривка, но затоа на врвот на Водно и повисоките делови на Скопска Црна Гора можеме да очекуваме околу 10 сантиметри снег.
Температура ќе има минимална вредност околу -2°С, а максимална вредност околу 1°С.