„Каде одите, рековме ќе се излеат реките“: Грчки градоначалник им вика на возачите заглавени од невремето

Регионот Магнезија и Спорадите во Грција изминативе неколку часа се во центарот на невремето „Даниел“, а првите проблеми се забележани во Волос, во селата на полуостровот Пелион и на периферијата на Тесалија.

Во Волос сообраќајот на обиколницата е запрен, додека возилата се заглавени, а противпожарните екипи се обидуваат да ги ослободат возачите. Проблеми има и во болницата во Волос бидејќи во една соба влегла вода.

Хаотичната ситуација можеби најдобро ја опишува видеото на градоначалникот на Волос, кој излезе од градското собрание и ги праша возачите заглавени во поплавените улици „каде одите“.
„Каде одиш? Ова што се случува е лудо! Рековме 100 пати, ве молиме не излегувајте. Каде одиш? Од вчера кажуваме, ќе се излеат реките, знаеш ли дека доаѓа водата. Одете дома“, вели градоначалникот на Ахилеа Беос во видео објавено на Фејсбук.

Некои села останаа без струја, невремето собори дрвја, а граѓаните беа повикани да не излегуваат надвор освен ако не е апсолутно неопходно.
Во Волос денеска беа затворени сите јавни служби, вработените останаа дома, додека училиштата ја прекинаа наставата.

Поплавите предизвикаа проблеми и на грчкиот остров Скијатос.
Според градоначалникот патиштата се затворени, тој побарал од жителите да останат во своите домови и поднел барање за прогласување вонредна состојба во општината.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.