Големи се шансите мостот Беласица да биде срушен и одново да се гради.
Упатени во процесот велат дека на надлежните ќе им биде многу тешко да најдат фирма која што ќе гарантира дека мостот во ваква состојба е безбеден за сообраќај.
Од Град Скопје официјално молк. Една недела по пожарот градот се уште не знае што ќе прави со мостот. Исто толку време, скопјани од Центар до Аеродром во сообраќајниот шипц патуваат и по еден час.
Под овој мост исто така беснееше голем пожар пред неколку години но тој, до сега не бил затворен за сообраќај. Ништо подобро не изгледаат ниту останатите мостови и надвозници во главниот град. Виснати кабли и кородирана инсталација се слика која што ќе ја затекнете кога ќе поминете под речиси секој мост во главниот град. Од ЦУК велат, тоа не е безбедно.
И додека Скопје се гуши во сообраќаен хаос, политичките партии наместо решение, уште го бараат виновникот.
Мостот Беласица се запали пред крајот на минатата недела. Огнот веројатно ја нарушил статиката на мостот поради што тој е затворен и за пешаци, и за сообраќај.
-Во овој момент се работи вештачењето на состојбата со мостот „Беласица“ со цел утврдување дали воопшто има структурно оштетување. Во моментот мостот е затворен како превентива, се додека не добиеме уверување од релевантните институции дека е безбеден или дека треба да се интервенира.