Загадувањето на воздухот во Скопје од ноќеска достигнува високи параметри, а нашиот главен град денеска е во топ 10 на листата на најзагадени градови во светот.
Фото: Филип Здравески (Кајгана)
Скопјани ноќеска враќајќи се од именденот Св. Никола дишеа загаден воздух чија миризба силно се чувствуваше. Утринава градот се разбуди во магла од загаденост, а индексот на квалитетот на воздухот изнесува 165, што иако е трета категорија по штетност, сепак е многу штетен за дишење, па граѓаните треба да бидат внимателни и да го намалат времето на отворено.
Загадувањето на воздухот претставува концентрација на штетни материи надвор од границата на толеранција, што директно го оштетува и влошува здравјето на луѓето, додека неговото индиректно дејство се манифестира преку штетно влијание врз домашните животни и вегетацијата.
<
За време на епизоди на зголемено загадување на воздухот, неопходно е да се ограничи движењето на децата, хроничните пациенти, па дури и на здравите луѓе на отворени простори.
Препораките за населението се максимално да се намали движењето и изложеноста во најмала можна мера за овој период на покачени концентрации во текот на денот. Изложеноста на екстремно високи концентрации може да има сериозни негативни здравствени последици, не само за ранливите популации, туку и за здравата популација.
Доколку сепак треба да излезете надвор, мора да носите респираторни маски со соодветни филтри кои не дозволуваат честички помали од 10 микрони. Исто така, хируршките маски, како и шаловите и марамчињата не даваат никаква заштита. Затоа, граѓаните треба да користат маски кои имаат европски стандард FFP филтер 2 или 3 и американски стандард N95 или N99.
Исто така, правилната исхрана е многу важна. Урамнотежената исхрана богата со овошје, зеленчук, јаткасти плодови, мешунки и здрави масти може да обезбеди заштита од некои од негативните ефекти на загадениот воздух. Погрижете се да ги консумирате препорачаните количини на витамини за да го зајакнете вашиот имунитет. Зелениот чај со билки може да помогне во борбата против некои негативни ефекти.
Зголеменото внесување на загадени честички во организмот може да има негативни последици по здравјето на жителите, а постојаната изложеност на ова влијание носи бројни здравствени проблеми. Истражувањата покажаа дека во урбаните средини каде граѓаните вдишуваат поголеми количества штетни гасови и честички, почесто заболуваат од хронични болести како бронхитис, астма, емфизем.
Посебно се препорачува да се оди на планина за време на епизоди на зголемено загадување на воздухот поради надморската височина и чистиот воздух што го намалува влијанието на негативните честички.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.