Калас: ЕУ е подготвена да продолжи да обезбедува воена помош за Украина дури и без САД

Се стравува дека откако Трамп ќе ја преземе функцијата, помошта за Украина значително ќе се намали и дека Трамп ќе изврши притисок врз Киев да се согласи на отстапки.Европската Унија е подготвена да продолжи да обезбедува воена помош за Украина дури и доколку САД престанат, изјави денеска шефицата на европската дипломатија Каја Калас, пренесоа француските медиуми.Калас ова го изјави 11 дена пред новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп да ја преземе функцијата. Истовремено, таа изрази уверување дека Вашингтон ќе продолжи да ја поддржува Украина.„Кој и да е на чело на САД, мислам дека не е во нивни интерес Русија да стане најмоќната сила во светот“,изјави Калас пред состанокот на Контакт групата на партнерите на Киев во воената база Рамштајн во Германија.За време на мандатот на американскиот претседател Џо Бајден, САД беа најголемиот поддржувач на Киев во борбата против руските сили. Од февруари 2022 година досега, Вашингтон ѝ обезбеди на Украина повеќе од 65 милијарди долари воена помош.Се стравува дека откако Трамп ќе ја преземе функцијата, помошта за Украина значително ќе се намали и дека Трамп ќе изврши притисок врз Киев да се согласи на отстапки.Претходно британските медиуми пренесоа дека германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјавил дека форматот „Рамштајн“ ќе мора да се промени доколку САД се повлечат од него.Форматот „Рамштајн“ вклучува околу 50 земји чии претставници се среќаваат на секои неколку месеци во воздухопловната база „Рамштајн“ во Германија. Состаноците во овој формат започнаа во 2022 година на иницијатива на американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.

Пронајдете не на следниве мрежи: