Касами потврдува дека ВЛЕН добива претседател на Собранието, пет министерства плус министер без ресор

Имаме начелен договор за распределба на ресорите во првиот и вториот ешалон во следниот владин состав, но не можам да зборувам за имиња, вели во интервју за „360 степени“ на МРТ 1, Билал Касами, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“.

Според него, станува збор за влада за национален спас бидејќи на домашен план државата е доведена во незавидна позиција.

„Генерално, од почеток на разговорите, има добар амбиент во делот на распределба на одговорностите, во делот на хармонизација на програмата. Така што, во фазата во која се наоѓаме денеска, веќе имаме начелен договор за распределба на ресорите во првиот и вториот ешалон, односно министерствата и замениците на министрите. Исто така, има договор дека и претседател на Собранието ќе биде од редовите на ВЛЕН. Но, за тоа што веќе имаме договорено, кога ќе заврши целиот процес, ќе излеземе официјално со целиот договор, не би сакал да излезам со детали затоа што лошо е чувството и во органите на партијата, кога некоја информација која треба официјално да ја слушнат, ја дознаваат од медиумите. Имаме начелно договор за претседател на Собрание, како и за првиот и вториот ешалон“, вели Касами.

Одговарајќи на прашањето – дали не е претенциозна квалификацијата дека идната ќе биде влада на национален спас, лидерот на Беса вели дека освен одреден прогрес во евроинтегративниот процес, власта предводена од СДСМ и ДУИ сериозно ја уназадила државата.

„Имајќи предвид дека претходните два состави на влади направија некои работи во делот на надминување на некои препреки со соседите со Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија, во друга насока тие направија многу штета. На домашен план во делот на корупција и злоупотреба на службените позиции… Така што, сегашната економска ситуација, во делот на владеењето на правото, во делот на исполнување на барањата на европскиот процес за реформа на системот и за приближување кон ЕУ, мислам дека не чека многу работа, така што можам да земам за право да кажам дека оваа влада треба да биде за национален спас, затоа што во многу од овие сегменти има многу назадувања. Државата е доведена до незавидна позиција со која ќе треба да се занимава следната влада“, одговора Касами.

Според последните партиски брифинзи, во идниот владин состав покрај ВМРО-ДПМНЕ и „Вреди“, ќе биде и партијата ЗНАМ. За „Вреди“, во владата со 20 ресори, ќе има пет министерства – за економија и за труд, за животна средина и просторно планирање, за здравство, за социјална политика, демографија и млади и за европски прашања плус министер без ресор.

„Можам да потврдам дека еден од ресорите кој би требало да биде воден од кадар на коалицијата е Секретаријатот (за европски прашања н.з) кој е предвидено да стане ресорно министерство и согласно важноста на позицијата да биде и вицепремиер. Исто така, можам да потврдам дека и во делот на економијата, нашите еколошки определби и животната средина, би требало да раководиме и со некој од тие ресори. Главно, се работи за меѓусебно разбирање целата влада да биде фокусирана на исполнување на тоа што ќе го договориме без разлика кој каде ќе биде министер“, посочува Касами.

Коментирајќи ја идната задача на министерот без ресор, Касами вели дека тој ќе биде задолжен за борба против корупцијата и злоупотребата на службените позиции.

Пронајдете не на следниве мрежи: