Според медиумски извештај, на третиот министер за одбрана по ред во Кина му се заканува смена поради обвинувања за корупција во релативно краток период.
Кина, имено, започнала истрага против својот министер за одбрана, адмирал Донг Јун, за наводни коруптивни активности, што e последниот скандал кој го погоди врвот на Народноослободителната армија (ПЛА), објави британскиот весник Фајненшл тајмс, цитирајќи американски официјални лица.
Донг Јун беше назначен за министер за одбрана во декември 2023 година, откако неговиот претходник, генералот Ли Шангфу, беше сменет поради корупција.
Според наводите на американски официјални лица, Донг е под истрага во рамки на поширока антикорупциска кампања во ПЛА, и е трет последователен случај на истрага на кинески министер за одбрана поради сомневање за корупција.
Ли Шангфу беше сменет по само седум месеци на функцијата, а го замени Веи Фенг, кој, исто така, беше под истрага за корупција откако ја напушти функцијата.
Американските власти веруваат дека претседателот Ши Џинпинг спроведува бран истраги против ПЛА, вклучувајќи го и Донг Јун, иако не е јасно на што точно укажуваат конкретните обвинувања против него.
Министерството за одбрана на Кина не сакаше да ги коментира овие наводи.
Истрагата беше обелоденета една недела откако Донг присуствуваше на состанокот за одбрана во Лаос, каде одби да се сретне со американскиот секретар за одбрана Лојд Остин.
Пекинг го обвини Вашингтон за овој „инцидент“, тврдејќи дека САД се одговорни бидејќи неодамна одобриле пакет оружје за кинескиот регион Тајван, кој за првпат вклучува напредни ракетни системи.
Истрагата против Донг Јун навестува дека Ши ја проширува својата борба против корупцијата во ПЛА, истакнува лондонскиот весник.
Покрај претходниците на Донг, кинескиот претседател претходно смени и двајца високи офицери кои раководеа со одделот во ПЛА задолжен за кинеската нуклеарна програма.
Кинескиот министер за одбрана ја има функција на меѓународен претставник на ПЛА, додека вистинската воена моќ е во рацете на потпретседателот на Централната воена комисија, што значи дека министерот не е најважниот воен функционер во земјата, забележува британскиот весник.