-Нашиот масовен собир го одбележува и мојот едногодишен мандат како претседател на СДСМ, заедно со новото централно и локални раководства. И тогаш, и во сите мои настапи, дали дома или во странство сеедно, така и сега, ќе бидам истиот. Како што ветив, како што работам! Ќе зборувам искрено, директно, без калкулации, без флоскули, како човек, и со разум, но и со многу емоции! Поинаку не знам, ниту сакам! Ја започнав оваа година, во многу сложени и тешки услови! Се нафатив, ме избравте, преземав обврска да го водам СДСМ по поразот на локалните избори! И денес, иако не морам, сакам да повторам! Ја започнавме годината со јасна визија и обврска. Одлучивме да се менуваме, да бидеме подобри и поуспешни, не за себе, туку за граѓаните и државата. Од првиот момент, ниту јас, ниту моите колешки и колеги, не застанавме на тој пат ниту еднаш! Посветено, чесно и целосно се внесовме во спроведувањето на нашите обврски и ветувања! Единствено по принципот ветено-спроведено, кажано-извршено!, рече Ковачевски.
Влеговме, додаде тој, директно во огнот, на сите стари, но и на нови фронтови, дома и надвор, со единствена цел – како подобро, поефикасно, побрзо и одржливо да испорачаме решенија, мерки, одржливи политики за подобра сегашност и иднина, потенцираше Ковачевски.
Многумина му рекле, рече меѓу другото, да се откаже и да дигне раце и дека „ЕУ не не сака нас“, но вели одлуката ја донел бидејќи е најдобра за државата.
-За првпат пред сите ќе го кажам тоа што го знаат моите најблиски соработници и моето семејство: Moже да успееме, да бидеме Македонци и како такви да седиме на големата маса во Брисел. Кој не мисли во такво нешто, нека се тргне на страна. Јас одлуката ја донесов бидејќи знам дека е најдобрата за државата и да треба пак да ја донесам, пак ќе ја донесам. Знаев и знам дека историја не се препишува, историја не се зема, јазик не се брише или укинува, традиција не се измислува или се преиначува. Тогаш велев и сега велам – зар со документи, изјави, пресови или настапи на маргинални политиканти мислиме дека некој може да загрози нешто што е создавано со векови? Нема да биде лесно на патот, ќе има болни реформи и уште тешки одлуки, но на крајот на секој тежок пат е големата награда, а во нашиот случај е полноправно членство на Северна Македонија во ЕУ, вели Ковачевски.
Тој потенцира дека „со седење дома и криење под кревет не се прави држава“.
-Македонскиот јазик, историја и традиција се загарантирани и сигурни. Тие се темел во европската куќа како дел од традицијата и историјата на Европа. Бидете горди и спокојни на тоа што го направивме. македонскиот јазик и име се конечно обезбедени и никој повеќе не смее да ги оспорува. Направивме голем успех за државата, порача лидерот на СДСМ.
Време и место за евтина политика, вели Ковачевски, не треба да има, на такви популисти нема да губиме енергија.
Тој додаде дека со таа обврска за да успееме тој живее и работи од првиот ден како премиер, бидејќи лично ја има најголемата обврска и одговорност.
-Токму затоа, сакам да повикам на доверба од Вас почитувани граѓани. Да побарам поддршка не за едни, за сметка на други. Да побарам поддршка за единствените, заедничките, вистинските одлуки. Да побарам поддршка конечно да ги научиме грешките од минатото, и најважно од сѐ, да не ги повториме. Да побарам поддршка да не броиме жртви, но да броиме мали, секојдневни победи и успеси во секојдневниот живот“ рече Ковачевски.
Истакна дека ова е ново време кое треба да даде простор и поддршка на знаењето, на чесните и конструктивни граѓани кои бескомрпмисно си ја сакаат држава.
-Ова е време, шанса конечно да ја средиме државата.Ова е време да покажеме дека европската интеграција значи ред и поредок, економски стандард, безбедност и здрава животна средина. Да покажеме конкретно дека можеме и ние да бидеме држава, во која се признава и наградува доброто и чесното, а се казнува лошото и криминалното. Да покажеме дека сите сме исти пред Уставот и законите, на дела, не само со зборови. Јас имам таква визија, јас имам таква обврска пред себе, пред вас и пред сите граѓани. И најважно од сѐ, имам и верба, и волја и оптимизам дека можеме да направиме многу“ рече Ковачевски.
Тој порача дека нема да има толеранција кон неефикасност, неспособност и нечесност
-Тие што нашите обврски кон граѓаните ги заборавиле или не ги исполнуваат, одговорно ви велам дека ќе им се заблагодариме. Ниту имаме можност, ниту смееме, ниту ќе дозволам толеранција кон неефикасност, неспособност, нечесност. Јавно кажувам. Мора да има ред, знаење и работа. Мора да има дисциплина, рече претседател на СДСМ.
Тој додаде дека нема намера заради малкумина да се загрози се што е направенои, се што треба да се направи за оваа држава и народот да одат напред.
-Нашите вредности и принципи мора целосно да ги спроведеме. И во економијата, како што правиме, и во демократскиот систем, како што правиме, и во борбата против криминалот и корупцијата, каде што има уште многу што да се прави, каде мора да се сработи повеќе. Бидејќи така ветивме, и мора да испорачаме и исполниме. Тоа е приоритет, рече Ковачевски.
Тој додаде дека со работа, чесност и ефикасност може да се спротивставиме на сите кои сакаат да застанат на европскиот пат на земјава и да продолжиме напред.
Ковачевски рече дека е разочаран од уште едниот пораз на правната држава и доказот за ниската доверба на граѓаните во правосудните органи и порача дека судството мора да најде начин да биде поефикасно и да сработи многу подобро и побрзо во интерес на правдата и во интерес на граѓаните.
-Но јас секогаш кажувам и вечерва ќе повторам, судството е независно, и јас никогаш нема да се мешам во ниту еден судски процес, судницата не е место за решавање политички проблеми. Ако некој се плаши од враќање на стариот режим, одговорот ќе биде на изборите. Затоа СДСМ ќе ги вложи сите напори да победи на следните избори и да ги спречи учениците на Груевски да се вратат на власт, рече Ковачевски.