Ковачевски се извини за „квицкањето на новинарите“, но не би сакал да се повтори периодот до 2016 г.

Поранешниот премиер и актуелен лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, конечно се извини и кажа оти ги прифаќа реакциите на новинарските здруженија во врска со неговите неодамнешни изјави за тоа што значи кога медиумите ќе се стават во служба на една политичка партија (ВМРО-ДПМНЕ) и дека во последно време сè повеќе национални телевизии со своето известување потсетуваат на времето до 2016 година.
 „Јас ги прифаќам сите реакции и од здруженијата на новинарите и од другите институции и на самиот настан кажав дека сум подготвен веднаш да се извинам, се извинив и на самиот настан, еве извинување и денеска“, изјави Ковачевски, кој  присуствуваше на отпочнувањето на градежните работи за реконструкција на Универзалната сала.
Прашан дали неговото извинување е искрено, лидерот на СДСМ категорично потврди дека тоа е така и додаде оти имал долг разговор со претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски.
„Да, искрено е. Имав долг разговор и со претседателот на ЗНМ во неколку наврати бидејќи тој е најдобриот сведок за тоа што се случуваше до 2016 година“,рече Ковачевски
На прашањето на кои медиумски куќи мислел кога кажал „по подруми ќе квицкаат и ќе чекаат СДСМ да ги спаси“, Ковачевски со одговор:„Не е точно. Бидејќи ако ја погледнете изјавата, јас кажав дека до 2016 г. тоа се случувало и дека не би сакал да видиме време кога тоа повторно ќе се случува. Така што, ако ја погледнете целата изјава, а таа е снимена, тогаш е многу јасно што јас имам кажано“,
Инаку, изјавите на кои вчера реагираа од ЗНМ, како и од Сојузот на синдикатите на новинарите и медиумските работници (ССНМ), Ковачевски ги кажа во понеделникот во неговото обраќање по повод отворањето на промотивниот штаб на СДСМ во Општина Кисела Вода.

Во него, тој медиумите ги спомена во два наврати, а во контекст на актуелни случувања правејќи паралели со периодот кога Владата беше предводена од ВМРО-ДПМНЕ и тогашниот нејзин лидер Никола Груевски.
„Минатата недела можевме низ конкретни примери да се потсетиме што значи ВМРО-ДПМНЕ на власт и што значи режим. Што значи кога медиумите ќе се ставаат во служба на една политичка партија. Што значи кога вработени во МВР тепаат свои колеги само затоа што си ја извршувале својата работа. Што значи кога член на обезбедување на нивниот прв човек ги тепа своите колеги, а овие не смеат ни да пријават дека се тепани. Два дена внатрешна контрола не смее да направи извештај таму. Е тоа е најдобриот потсетник на 2006 година, исто како што Македонска телевизија и другите национални телевизии, во најголем број веќе не потсетуваат како изгледа 2006 година, така и овие не потсетија. Ама една работа забораваат. СДСМ е прогресивна партија, СДСМ не е партија на капиталот. СДСМ е партија на трудот, СДСМ е левицата во оваа држава, СДСМ се синдикатите, СДСМ се работниците, СДСМ се граѓаните, СДСМ се пензионерите и студентите – истите тие кои до 2016 година беа малтретирани и тепани по плоштадите и библиотеките, сите тие се СДСМ, и не постои капитал, не постојат пари кои можат да ја победат таа волја за напредна и просперитетна држава која само со нас може да ја имаат граѓаните. И затоа од тука сакам да им порачам џабе фатиле страна, пак ќе квицкаат по некои подруми, кога ќе ги стегнат како кога Андреј Петров ги вадеше од А1 Телевизија тие кои сега пак се ставија во служба на тие коишто ги напикаа во подруми во 2010 и 2011 година“, рече Ковачевски.
Подоцна во своето обраќање, тој повторно се навраќа на медиумите, конкретно на анкета на национална телевизија во врска со субвенционираниот студентски оброк.
„Едноставен е како што кажав изборот на граѓаните – или држава со европски стандарди или држава во изолација со контролирани медиуми на коишто ќе гледате само тоа што ви сервираат од штабот на ДПМНЕ. Денес гледам со Марко (Михаилоски), претседателот на младина (СДММ), со студенти имавме прекрасен настан и зборувавме за студентски оброк. 140 денари студентски оброк за секој студент, за 28 000 студенти на ден, 50 евра на месец. И гледам една национална телевизија прави анкета, вели ова ништо не е добро, внимавајте национална телевизија, ова не било добро. А што било добро, нула да биде! Е тоа вие е кога медиумите ќе се стават во функција на една политичка партија и после ќе се освестат и доцна е. И кај ќе трчаат? Во СДСМ. Зошто? За да има ја врати демократијата. А тие самите се продале. Тие уште сега се продаваат, зашто вика биткоин се купува кога е најевтин. И затоа сега таму се тргнати. И ова морав да го кажам, па утре нека се лутат, ќе пушти ЗНМ, ќе му се јават да се извиниме, ќе се извиниме. Ама да ги потсетиме што е 2006 година, да не биде после не знаеле“, кажа Ковачевски во обраќањето на 19 февруари во Кисела Вода.

Пронајдете не на следниве мрежи: