Вака денес изгледа Владата. Го чека новото име-Влада на Република Северна Македонија, на македонски и на албански јазик.
Владата формира Интерресорска група која ќе треба да изработи Национален акциски план за спроведување на натамошните мерки и активности, а во рок до седум дена државните институции, граничните премини и дипломатско-конзуларните претставништва ќе треба да ги сменат таблите со новото име на државата – Република Северна Македонија. Не беше одамна, за да не паметиме, кога премиерот Зоран Заев во своја изјава говореше поинаку:
-Многу е важно дома да не бидеме обезличени, да не бидеме обесчестени. Кога влегувавте во оваа Влада, таму пишува Влада на Република Македонија, да не мораме тоа да го смениме, беа зборовите на премиерот Заев.
И, останаа зборовите забележани на видеово. Сега кога ќе влегувате во истата таа Влада нема да може да прочитате “Влада на Република Македонија“ туку токму спротивното од тоа што го вети премиерот, како и многу пати до сега и како што го забележа странски новинар.
Употребата на новото име на државата ќе биде усогласено и со Законот за употреба на јазиците што значи дека таблите ќе бидат напишани и на албански јазик бидејќи, како што неодамна изјави владиниот портпарол Миле Бошњаковски, Албанците се 20 проценти на државно ниво. Препораки за промена на таблите ќе добијат и единиците на локалната самоуправа, а секторите и службите за односи со јавност на државните и јавните институции ќе добијат насоки за употреба на уставното име.
©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.