Кои се и колку заработуваат македонските ТОП 10 извршители

Нето приходите пред оданочување учествуваат од 30 до безобразни 79 отсто од бруто приходите на ТОП 10 извршителите (според критериум остварени добивки). Овие параметри оставаат простор Владата да направи анализа за „профитната маргина“ на услужната дејност чии претставници народот безочно ги нарекува „дерикожи“
Извршителите во последно време се на мета на јавноста. Често сме сведоци на јавни собири на кои граѓани протестираат и јавно го изразуваат своето лично незадоволство од системот за наплата на побарувања со извршување во кој крајна алка се токму извршителите кои за тоа се лиценцирани од државата. Некои од приказните на граѓаните кои протестираат против извршителите се траорни и трогателни и за нас речиси нестварни особено заради тоа што во поранешниот систем во кој поголемиот дел од нас граѓаните растевме, созревавме, делувавме или привредувавме ова беше нехумано и незамисливо.

Но пазарната економија со ризиците кои ги носи е систем во кој институционално се поставени и опстојуваат и канцелариите за извршување на неплатени побарувања. Според официјалните податоци кои на барање на „Фактор“ бесплатно ги достави Централниот регистер и на тоа јавно се заблагодаруваме состојбата со таа услужна индустрија е следна:
– Лани извршителската индустрија вработувала 555 лица.
– Сите извршителски канцеларии заедно оствариле вкупен приход од 13,4 милиони евра.
– Расходите за нивното работење лани изнесуваат 8,4 милиони евра
– Нето приходот пред оданочување (добивката н.з.) односно извршителските награди на ниво на гранка изнесуваат 5 милиони евра!
-Просечната плата на вработен во извршителска канцеларија лани била 21.904 денари
Кои се ТОП 10 извршители?


Гордан Станковиќ е скопски извршител со седиште во општина Центар. Лани тој бил „Царот“ на извршителите затоа што остварил нето приход пред оданочување од 169.400 евра. Вкупниот приход лани му бил 465.200 евра. Просечната плата на вработен кај Станковиќ лани била 26.770 денари или речиси 5.000 денари над просекот на гранката.
Неговиот конкурент од скопската општина Центар Крум Коцарев е втор на ранг листата според нето приходи пред оданочување. Неготата добивка пред даночење лани била 152.300 евра. А приходите од извршување биле 224.000 евра. Коцарев плаќа подобро од Станковиќ. Кај него просечната плата лани била 33.235 денари или 200 евра над републичкиот просек. Неговото извршителско биро лани вработувало 7 лица.
И третиот најпрофитабилен извршител е од скопската општина Центар. Антончо Коштанов лани имал бруто приход од 317.400 евра, а остварил нето приход пред оданочување од 148.200 евра. Канцеларијата Коштанов вработува 5 лица, а просечната месечна плата лани е 43.945 денари или двојно од републичкиот просек. Коштанов е најдобриот работодавач од аспект на исплатените износи на своите вработени.
И првата жена извршител на листата: Весна Деловска од општина Центар во Скопје. Лани приходите на нејзината канцеларија биле 250.600 евра, а нето приходот т.е. добивката пред оданочување е 147.300 евра. Вработува вкупно 6 лица, а просечната плата е пониска за 1.416 денари од републичкиот просек.


Петта на листата најдобри е струшката извршителка Гордана Џутеска. Нејзиниот бруто приход лани бил 339.000 евра, а нето приходот пред оданочување бил 144.300 евра. Таа канцеларија вработува 10 лица, а просечната плата била 22.320 денари што е 400 денари над просекот.
И уште една жена. Емилија Павловска извршителка од Штип. Лани нејзината канцеларија вработувала 8 лица, апросечната месечна плата била 17.692 денари или 4.212 денари помалку од просекот. Нејзината канцеларија лани направила добивка пред оданочување од 133.710 евра, а бруто приходот изнесувал 224.200 евра.
Седми на листата ТОП 10 извршители е Христо Јованов од скопската општина Центар. Неговиот бруто приход лани изнесува 289.600 евра, а нето приходот пред оданочување е 112.900 евра. Канцеларијата на Јованов лани вработувала 7 лица со просечна плата од 30.388 денари.
Кумановчанката Славица Крстевска е на осмо место според нето приходот пред оданочување кој изнесува 111.600 евра. Но оваа извршителка има најповолен сооднос на нето приход пред оданочување во однос на бруто приходот. Нето приходот пред оданочување е 79 отсто од бруто приходот. Нејзиниот бруто приход лани бил 140.790 евра. Таа канцеларија вработувала лани 3 лица во просечна месечна плата од 14.578 денари. Таа канцеларија со најголем нето приход во однос на бруто приход има најниски плати на вработените.
Премтим Ќерими е уште еден кумановски извршител на ТОП листата. Неговата канцеларија лани вработувала 4 лица со месечна плата од 14.664 денари. Неговиот бруто приход лани е 190.100 евра, а нето приходот пред оданочување изнесува 106.200 евра.
На листата ТОП 10 извршители е уште и скопскиот извршител Благоја Каламатиев од општина Центар. Неговата канцеларија лани имала бруто приход од 185.300 евра, а нето приходот изнесува 102.700 евра. Канцеларијата вработува 5 лица, а просечната месечна нето плата била 22.785 денари.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.