Новиот коронавирус мутира како и останатите вируси и сега има осум видови кои кружат на планетата, тврдат научниците и додаваат дека добра вест е што мутациите не се смртоносни.
Експертите ги секвенционираат геномите на коронавирусот и откриваат видови кои се појавиле откако вирусот минатата година за прв пат премина од животно на човек на пазар за диви животни во кинескиот град Вухан.
Нивната анализа покажува дека вирусот мигрира и се дели на слични и нови подтипови, пренесува “USA Today”.
„На прашањето дали вирусот се менува генетски, одговорот е – апсолутно да“, вели епидемиологот Марк Липсич од Универзитетот Харвард.
„Прашањето е дали се случила некоја промена која ја одредува насоката на движење на болест, преносот или други работи кои се важни за луѓето“, изјави американскиот епидемиолог, додавајќи дека новите видови се незначително променети и нема некаква разлика во смртоноста.
Вообичаената стапка на мутирања (околу две месечно) е сосема вообичаена за вирусите. Грипот обично има ист број на мутации, дури и нешто повеќе, велат експертите. Сепак, тие предупредуваат дека додека досегашните дешифрирани геноми даваат информации за тоа како неговото ширење може да се сопре и помага во тоа да се дистанцира од луѓето, тие не се ништо повеќе од обични скици.
Експертите се согласуваат дека уште многу треба да биде откриено, а микроскопските промени помагаат да биде утврден патогениот пат низ човечката популација.
„Епидемиите можат да се следат. Во состојба сме речиси во реално време да секвенционираме геном за да утврдиме кои родови циркулираат“, изјави Чарлс Чиу, професор по инфектологија на Универзитетот Калифорнија.