Осум играчи на Блејзерс чекаа 30 минути пред да бидат извлечени од лифт во Бостон.
Речиси половина кошаркари од екипата на Портланд трејлблејзерс беа заглавени во лифт во Бостон, каде што вечерва тимот гостува кај Селтикс во меч од НБА-лигата. Блејзерс еден ден порано стигнаа во Бостон, но осуммина од нив имаа несекојдневна и непријатна ситуација.
Според тоа што може да се види од снимките кои ги направи турскиот центар Енес Кантер, во лифтот биле тој, Мејерс Леонард, Демиен Лилард, Зек Колинс, Иван Тарнер, Енферни Симонс, Родни Худ и Скал Лабисиер.
Тие половина час биле во лифтот во тренинг-центарот на колеџот „Емерсон“, но не беа премногу исплашени, туку некои и се забавуваа во тесниот простор додека чекаа некој да го одглави лифтот или да ја отвори вратата. Се случи ова второто, па играчите излегоа од лифтот, што беше проследено со аплауз од присутните кои чекаа разрешница на случајот.